Xiaomi со Vision Gran Turismo влегува во светот на хиперавтомобилите

Xiaomi го претстави Vision GT – хиперавтомобил со 1.900 КС, 900V платформа и екстремна аеродинамика инспирирана од тркачки прототипи

Кинескиот производител на паметни телефони и потрошувачка електроника, Xiaomi, кој во последните години сè посериозно се позиционира и како автомобилски бренд, го претстави својот Vision Gran Turismo концепт. Премиерата се одржа на Mobile World Congress 2026 во Barcelona, со што Xiaomi стана првиот кинески бренд што добил сопствен Vision Gran Turismo модел.

Концептот претставува визија за екстремен електричен хиперавтомобил со дури 1.900 коњски сили, наменет за виртуелните патеки на Gran Turismo, но и како показна вежба за инженерските амбиции на компанијата.

Xiaomi Vision GT Concept

900-волтна платформа и потенцијал од 1.900 КС

Во основата на Vision GT се наоѓа 900-волтната Silicon Carbide платформа на Xiaomi. Иако официјални перформансни бројки не се објавени, се најавува можност електричниот погон да испорачува над 1.900 коњски сили – бројка што го позиционира концептот рамо до рамо со најекстремните хиперавтомобили на денешницата.

Сепак, фокусот на претставувањето не беше ставен на забрзувањето или максималната брзина, туку на дизајнот и аеродинамиката, кои, според компанијата, биле клучниот приоритет во развојот.

Xiaomi Vision GT Concept

Аеродинамика инспирирана од тркачки прототипи

Според шефот за автомобилски дизајн на Xiaomi, Ли Тианјуан, Vision GT има коефициент на отпор на воздух од 0,29 и е „скулптиран од ветрот“. Под каросеријата се протегаат огромни venturi тунели, слично како кај хиперавтомобили ориентирани кон патека како Aston Martin Valkyrie и Red Bull RB17.

Овие тунели го насочуваат воздухот низ подот и го исфрлаат кон задниот дел, создавајќи масивна аеродинамичка сила на потисок (downforce) која го „лепи“ автомобилот за асфалтот при високи брзини. Иако не се наведени конкретни бројки за потисокот, јасно е дека станува збор за екстремно ниво на аеродинамичка стабилност.

Xiaomi Vision GT Concept

Предниот дел е опремен со карбонски сплитер инспириран од мотоспортот и минималистички LED светла, додека задниот дел доминира со тунелите и впечатлива LED лента што се протега по целата ширина на автомобилот.

Турбински тркала и карбон-керамички сопирачки

Vision GT доаѓа со необични фелни со турбински дизајн и „лебдечки“ поклопец, создавајќи илузија дека тркалата не се движат додека автомобилот е во движење. Зад нив се кријат карбон-керамички сопирачки, што дополнително го нагласува тркачкиот карактер на концептот.

Футуристичка кабина со пет екрани

Внатрешноста нуди тесен, но футуристички кокпит, обликуван околу карбонски монокок со две седишта. Возачот располага со панорамски head-up дисплеј, сличен на оној кај новиот BMW iX3, како и со тркачки управувач опремен со пет кружни екрани.

Меѓу контролите се наоѓа и посебен прекинувач за drift режим, што сугерира дека и покрај екстремната аеродинамика, Xiaomi замислува и динамично, разиграно однесување на виртуелната патека.

Xiaomi Vision GT Concept

Дали ова е најава за вистински хиперавтомобил?

Засега нема официјална информација кога Vision GT ќе биде достапен во Gran Turismo, но се очекува тоа да се случи во наредните недели. Прашањето што се наметнува е дали овој концепт може да биде вовед во сериски суперавтомобил од Xiaomi.

Иако е малку веројатно дека ваков екстремен модел ќе стигне на јавните патишта во скоро време, Vision Gran Turismo јасно покажува дека Xiaomi не сака да остане само технолошки играч, туку има амбиции да се наметне и како сериозен фактор во автомобилската индустрија – дури и во нејзиниот најексклузивен сегмент.

Поврзани вести

Back to top button