fbpx

Yaris доби ECOVan комерцијална верзија во Европа

Toyota Yaris е еден од најважните модели за јапонскиот производител, а доказ за тоа е и најновата верзија на малиот хечбек

Јапонската компанија Toyota досега направи неколку варијации на својот мал компактен хечбек Yaris, почнувајќи од кросовер верзијата наречена Yaris Cross, и секако, популарниот GR Yaris кој ги освои срцата на ентузијастите ширум светот. Сега на ред дојде и уште една, наречена ECOVan.

Најновата верзија е наменета за комерцијална употреба. На Toyota Professional опсегот во Европа се приклучува и Toyota Yaris Hybrid ECOVan конверзијата, базирана на новата генерација на Yaris која беше лансирана минатата година. Станува збор за решение за урбаниот транспорт и испораки во „последна минута“.

Очигледно, најголемите промени се во кабината, каде задните седишта се отстранети. Наместо тоа, Yaris ECOVan добива подигнат дрвен под со гумена подлога, заедно со преграда за делот за складирање. Toyota вели дека Yaris ECOVan може да собере до 720 литри товар до 430 килограми тежина. Овие бројки се многу подобри од 286 литри колку што има обичниот Yaris.

Однадвор, малиот Yaris ECOVan хечбек останува идентичен со стандардната верзија, иако Toyota остава опција за додавање на заден прозорец обложен со винил во случај купувачот да сака да го брендира своето возило.

Под хаубата, Yaris ECOVan доаѓа со хибриден систем, кој е сочинет од 1,5-литарски трицилиндричен бензинец, електромотор и мала батерија за вкупна моќност од 116 КС и 141 Nm максимален вртежен момент.

Toyota Yaris EСOVan пристигнува во две варијанти – Business Plus и Active Touch и се одликуваат со различна опрема. Сепак, двете варијанти како стандард добиваат Toyota Safety Sense, клима-уред, сензори за дожд, 15-инчни тркала и 7-инчен инфозабавен систем со Apple CarPlay и Android Auto.

Засега, Yaris ECOVan е достапен единствено во Шпанија, но Toyota наскоро ќе го понуди и во остатокот од Европа.

Поврзани вести

Back to top button