За прв пат продадени повеќе електрични од конвенционални возила

Норвешка стана првата држава во светот која за прв пат во историјата има повеќе новорегистрирани електрични од конвенционални автомобили

За прв пат во историјата, во било која земја на светот, продажбата на електрични автомобили достигна поголема бројка во однос на возилата кои користат мотори на внатрешно согорување. Норвешка одамна важи за земја во која електричните возила бележат постојан раст и популарност. Со ова, скандинавската земја можеби го достигна и клучниот момент во својата мисија да стави крај на продажбата на возила кои користат нафтени деривати.

Вкупно 54 проценти од сите возила кои се продадени во земјата биле електрични, оставајќи само 46 проценти за возила кои се напојуваат со мотор на внатрешно согорување, пренесува „Reuters“. Норвешка успеа да го надмине својот претходен рекорд, поставен во 2019, со повеќе од 42 проценти продадени електрични возила. Пред само 10 години, електричните возила сочинуваа 1 процент од продажбата.

Норвешка навистина се труди да стане првата земја која ќе стави крај на продажбата на возила со внатрешно согорување. Електричните автомобили се целосно ослободени од било какви даноци и давачки, за разлика од оние кои се наметнати за возилата кои користат бензин или дизел.

електрични

Продажбата на електрични возила се чини дека исто така и се забрзува. Декември е одбележан како месец во кој електричните автомобили го држеа најголемиот удел на пазарот. Во овој месец, 66,7 проценти од сите продадени возила во Норвешка биле електрични.

Од возила кои користат мотори на внатрешно согорување, 20 проценти биле plug-in хибриди, а 9 проценти биле обични хибриди. Од остатокот, 9 проценти биле дизел, а само 8 проценти биле бензинци.

Кристина Бу, шефот на Норвешката асоцијација на електрично возила, во разговор за Reuters истакнува дека целта за 2021 година е да се надмине бројката од 65 проценти на продадени електрични возила. „Ако успееме во тоа, целта за продажба на автомобили без емисија на штетни гасови во 2025 година ќе стане реалност“.

Со се поголемиот број на производители кои влегуваат на пазарот на електрични возила, оваа цел ќе стане полесна. Audi ја предводи продажбата на електрични возила во Норвешка за прв пат во 2020, симнувајќи го Tesla од тронот.

Иако пропорцијата на продадени возила делува моќно, вкупната продажба останува помала, но солидна. Вкупно 142.000 нови возила биле продадени во Норвешка во 2020. Од нив, речиси 77.000 биле електрични. Сепак, за голем број производители, овој пазар е „лабораторија“ за нивните нови електрични автомобили. Дел од нив ги лансираат своите возила во Норвешка, пред да го направат тоа во остатокот од светот.

Поврзани вести

Back to top button