fbpx

Збогум „Докторе“: Валентино Роси замина меѓу легендите

Валентино Роси, човекот кој ги одбележа претходните две децении во MotoGP шампионатот, стави точка на својата блескава кариера

Трката во Валенсија остана во сенка на сето она што се случуваше денеска, целиот настан помина во знакот на „Докторот“ – Валентино Роси. Славниот Италијанец ја извозе својата последна трка во кариерата. Последната трка во шампионатот за оваа сезона италијанскиот мотоциклист ја заврши на десеттото место и со тоа стави крај на својата феноменална приказна долга 21 година украсена со седум шампионски титули.

Популарниот „Доктор“ трката ја започна како десетти, а иако во еден момент спеа да дојде и до осмото место, на крајот низ целта мина од истата позиција од која и тргна. Победата на Франческо Бањаја остана во сенка на простувањето на Роси, а младиот сонародник на легендата на MotoGP дојде до својата четврта победа во кариерата.

Италијанецот од тимот на Ducati водеше возбудлива борба со Хорхе Мартин, а по неколку смени на чело на карванот, Бањаја успеа на десет круга пред крајот да ја преземе лидерската позиција и истата да ја задржи до самиот крај на трката во Валенсија.

Воедно, Бањаја постави и нов рекорд на патеката со време од 1:31.026, додека шампионот Фабио Квартараро трката ја заврши како петтопласиран.

Откако трката заврши, Роси извозе почесен круг проследен со огномет и поздрав на десетици илјади луѓе од трибините. Спектакл достоен за еден од најспектакуларните мотоциклисти во историјата.

Поврзани вести

Back to top button