fbpx

Тест Hyundai Ioniq 6: Врвен пример за интеграција на стил, технологија и перформанси

Со својот впечатлив и авангарден дизајн, Ioniq 6 не само што го привлекува вниманието на патот, туку и ја трасира иднината за електричните возила кои допрва треба да ги очекуваме од корејската компанија. Комбинацијата на нескојдневните линии, напредната аеродинамика и иновативните детали, го прават овој автомобил идеален избор за оние кои бараат стил, извонредни перформанси и одржливост во едно.

Врвна естетика и максимална функционалност

Моделот Ioniq 6 претставува вистинска иновација во светот на електричните автомобили кој се одликува со впечатлив надворешен дизајн што комбинира ретро-модерни линии со аеродинамички елементи. Овој модел е дел од електричниот подбренд Ioniq на групацијата Hyundai, каде покрај него е и моделот Ioniq 5 со кого дели голем дел од технологијата и вградените компоненти. Сепак, Ioniq 6 е вистинска „појава“ која вниманието го привлекува со својот уникатен изглед обликуван со елегантно мазни, но воедно и „мускулести“ движења што во взаемна комбинираност создаваат впечаток на динамичност и футуристички изглед.

Тест Hyundai Ioniq 6 Ultimate AWD 77,4 kWh

Агилниот профил на автомобилот со ниско поставената каросерија е дефиниран со нагласени странични линии што создаваат впечаток на цврстина и поврзаност со подлогата. Предниот дел на автомобилот се одликува со модерно скроен и минималистички дизајн, функцијата за што подобар струење на воздухот и овде игра голема улога. Сите елементи се изведени не само да бидат визуелно привлечни туку и максимално  функционални во сите услови на возење. Задниот дел на Ioniq 6 е навистина смело и уникатно дело, иако во неговиот дизајн може да се забележи инспирација од некои европски модели популарни во минатото, но и сеуште актуелни автомобили сепак е својствен за моделот Ioniq 6.

Примената на LED технологијата кај светлата во форма на линија изгледа естетски привлечно,а во исто време додава моќна карактерна црта на естетиката. Пратејќи го движењето на задниот дел неизбежен е и големиот спојлер (под него е поставен и втор, помал) кој не само што го дополнува спортскиот изглед, туку игра важна улога во оптимизирање на протокот на воздух и намалување на коефициент на отпор на воздух што го прави овој модел еден од најаеродинамичните автомобили на пазарот.

Фокус на удобност и најсовремена технологија

Внатрешноста на Hyundai Ioniq 6 е за нијанса помалку футуристичка во дизајнот отколку неговата надворешност, што севкупно создава чувство на смиреност во кабинскиот дел. Ергономски креираниот ентериер е изведен со цел да го намали одвлекувањето на вниманието на возачот, за што сметаме дека одговорните лица заслужуваат вистински пофалби за нивниот пристап кон дигитализацијата.

Иако максимално полн со најсовремена технологија Ioniq 6 некако успева да го задржи впечатокот на „традиционален“ автомобил и покрај тоа што има два 12.3-инчни екрани со висока резолуција. Изобилството на дигитални податоци и услуги е целосно насочено кон создавање на најбезбедно можно возење и најдобро корисничко искуство во еден ултрамодерен електричен автомобил. Сите клучни функции за возењето или удобноста се уште се достапни преку физички прекинувачи или се издвоени во вид на дигитални „шорткати“ поставени под централниот дисплеј, што не бара од возачот дополнително внимание кога сака да пристапи до одредена функција.

Дека станува збор за автомобил што треба да ја покаже својата припадност кон иднината и зачувување на природата сведочат и материјалите користени во изработката. Имено, голем дел од нив се изведени со одреден процент на рециклирани компоненти кои доколку не ви бидат посочени нема ни да ги забележите. Завршната обработка во целост е изведена на завидно ниво, а во целиот процес се внимавало да се обезбедат и многу места за одлагање на ситници во ентериерот.

Тест Hyundai Ioniq 6 Ultimate AWD 77,4 kWh

Во поглед на габаритите во кабината  може да кажеме дека на предниот дел имате на располагање повеќе од доволно простор во сите правци, без разлика на должината или ширината на вашата конструкција. Изненадувањето доаѓа на задниот каде комфорот е далеку поголем одколку што тоа изгледа кога возилото се гледа од надвор. Можеби повисоките   лица (над 190 см) ќе се пожалат дека се блиску до покривот, но затоа нема никогаш да слушнете дека на некој му фали простор за нозете, а тоа се должи на големото меѓуоскино растојание од речиси 3 метри. Багажниот дел може да собере 401 литри, што не е претерано многу, но во секојдневно користење делува дека поседува поголема зафатнина.

Тест Hyundai Ioniq 6 Ultimate AWD 77,4 kWh

Ефикасна моќност

Во тестираниот модел Hyundai користи систем за батерии од литиум-јонски полимер составен од вкупно 32 модули за пакетот од 77,4 kWh кои се интегрирани во подот на автомобилот. На овој начин тие заземаат најмалку внатрешен простор, бидејќи висината на батериските модули од само 13 см ја одредува дебелината на  E-GMP (Electric-Global Modular Platform) платформата.

Погонот кај Ioniq 6 AWD е изведен по принциопот по еден електро мотор на секоја оска. Со тоа што предниот е со помала моќност еднаква на 100 КС, а задниот кој ја игра и улогата на примарен двигател поседува моќ од 225 КС. Нивниот збир не носи до до вкупни 325 КС, а воедно произведуваат и влечна сила која изнесува максимални 605 Нм. Класичниот менувач е заменет со вртлив лост поставен зад управувачот од десната страна, а на левиот долен дел од самиот управувач е сместено вртливото копче преку кое се избира програмата за возење: Eco, Normal или Sport.

Во спортскиот режим максималната моќност и вртежен момент се веднаш достапни, па така и најмало притискање на педалата за гас ве катапултира кон хоризонтот, што воедно го покажува и мерењето од 0-100 километри за кое се потребни само 5,1 секунди! Во Normal и Eco, спринтската моќ е значително полесна за дозирање, што го прави Ioniq 6 максимално пријатен автомобил за секојдневно возење во урбани средини.

Смирениот стил на возење совршено одговара на автомобилот, тогаш целосно се користи и предноста на рационализираниот дизајн што производителот ја изразува преку потрошувачката која во просек изнесува помеѓу 15,1 kWh и 16,9 kWh на 100 километри, во нашиот случај бевме во зоната помеѓу 18 kWh и 19 kWh. Моделот Ioniq 6 првенствено е креиран да понуди максимална удобност при возење. Неговата архитектура, со нискиот центар на гравитација овозможува исклучително добро држење на патот и извонредна стабилност при возење.

Технологија која работи во Ioniq 6 користи високонапонски систем од 800 волти, нејзината предност е високиот капацитет за брзо полнење кој достигнува максимална вредност од 350 kW. Полнењето од 10 до 80 проценти трае само 18 минути, што е неверојатно брзо според денешните стандарди. За  истиот процес да го изведете на полнач со капацитет од 150 kW ќе одморите дополнителни 6 минути. Но, ако го поврзете автомобилот на јавна станица за полнење со максимален капацитет за полнење од 11 kW ќе ви бидат потребни нешто повеќе од 7 часа за да се надополнат резервите на енергија.

Иновација која ја зголемува флексибилноста

Кај Hyundai Ioniq 6 постои една иновативна и напредните функции која го зголемува практичниот аспект на електричниот автомобил. Системот Vehicle to Load (V2L) е технологијата која му овозможува на автомобилот да се користи како извор на електрична енергија за напојување на различни електрични уреди. Опремен со посебен приклучок кој се наоѓа во задниот дел на автомобилот или преку адаптер кој се приклучува на стандардниот приклучок. Вкупната моќност која може да се извлече преку V2L варира и во зависност од конфигурацијата на системот може да пренесе моќност од околу 1.5 kW.

Компанијата Hyundai покажува сериозна доза на храброст со моделот Ioniq 6. Тој е убедливо еден од најуникатно дизајнираните електрични седани во моментот, а доколку на него се гледа од технички аспект, очигледно е дека се сместува на самиот врв каде обично се електричните возила чија цена е најмалку двојно повисока од неговата. Покрај наведените факти, одлично вкомпонираните можности за полнење, пространата внатрешност, максималната ергономија и употребата на висококвалитетни материјали прават овој „кореец“ да се наметни како вистински предлог во сегментот каде конкуренцијата (барем во Европа) сеуште може да се изброи на прстите од една рака.

Цена на тестираниот модел 64.000 евра

Технички податоци за Hyundai Ioniq 6 Ultimate AWD 77,4 kWh

Мотор Електричен
Моќност на преден ел.мотор 74 kW (100 КС)
Моќност на заден ел.мотор 165 kW (225 КС)
Вкупна максмална моќ 239 kW (325 КС)
Макс.вртежен момент на преден ел.мотор 255 Nm
Макс.вртежен момент на заден ел.мотор 350 Nm
Вкупен макс. вртежен момент 605 Nm
Трансмисија На сите четири тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред вентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици напред: 245/40 R20 назад: 245/40 R20
Каросерија седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.855 х 1.880 х 1.495 мм
меѓуоскино растојание 2. 950 мм
траги (напред/назад) 1.635 / 1.644 мм
Тежина 2.038 кг
максимална тежина 2.520 кг
багажен капацитет 401 литри
максимална брзина 185 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 5,1 секунди
капацитет на батерија Расположиви 74 kWh (бруто 77,4 kWh)
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија 15,1 – 16,9 kWh/100 km
времетрање на полнење AC 11 kW 0-100% 7:02 мин, DC 150 kW 10-80% 0:24 мин.
автономија на движење 545 километри (измерена 425 километри)
емисија на CO2 0 г/км

 

Hyundai Ioniq 6 во Македонија:

Hyundai Ioniq 6 Premium RWD 53 kWh 48.000 евра
Hyundai Ioniq 6 Impression RWD 53 kWh 51.500 евра
Hyundai Ioniq 6 Premium RWD 77,4 kWh 53.500 евра
Hyundai Ioniq 6 Impression RWD 77,4 kWh 57.500 евра
Hyundai Ioniq 6 Ultimate RWD 77,4 kWh 60.500 евра
Hyundai Ioniq 6 Impression AWD 77,4 kWh 62.000 евра

Повеќе информации во Mi-Da Motors, на (0) 2 307 3103 или на

www.hyundai-mk.mk

Конкуренти:

BMW i4 од 65.450 до 87.340 евра
Volkswagen ID7 од  69.691 евра до //./// евра
Tesla Model 3 од 53.000 до 60.500 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button