Официјална премиера за целосно новиот Škoda Elroq
Škoda го претстави долгоочекуваниот електричен кросовер Elroq кој пристигнува со неколку погонски опции и ќе нуди опсег до 581 километар
Škoda го симна превезот од целосно новиот Elroq, за кого тврди дека е „најприфатливиот ЕВ во својот сегмент, земајќи ја предвид големината на батеријата и обемната стандардна опрема“. Иако цената варира во зависност од пазарот, моделот ќе чини околу 33.000 евра.
Новиот Elroq ќе пристигне на почетокот на следната година, а купувачите ќе најдат Modern Solid дизајн кој носи таканаречено „Tech-Deck Face“ кој ја заменува традиционалната решетка и е ефективно сјајна црна плоча што се користи за криење на сензорите и камерата поставена напред. Покрај ова, дизајнерите му дадоа на моделот поделени светлосни единици и контурирана хауба што може да се забележи по употребата на букви наместо значка, што е прво за едно сериско издание на Škoda.
Меѓу останатите акценти кои вреди да се истакнат на екстериерот се и вертикалните воздушни завеси и активните отвори за ладење. Тие се споени со пластична обвивка на каросеријата и аеродинамички оптимизиран дизајн кој овозможува коефициент на отпор до 0,26. Купувачите ќе најдат и темни хромирани акценти, како и тркала од 19 до 21 инчи.
Кога станува збор за големината, кросоверот е долг 4.488 милиметри, широк е 1.884 мм и висок 1.625 мм со меѓуоскино растојание кое опфаќа 2.765 милиметри. Ова значи дека моделот е 98 мм подолг од Karoq и има дополнителни 127 мм помеѓу тркалата.
Минималистичка кабина со ChatGPT
Внатрешноста опфаќа минималистичка естетика со оглед на тоа дека пред возачите се наоѓа мала дигитална инструмент табла и волан на кое е испишано името Škoda. Покрај нив, тука е самостоен 13-инчен инфозабавен систем и достапен head-up дисплеј со проширена реалност.
Технолошките карактеристики не завршуваат тука бидејќи гласовниот асистент Laura има ChatGPT интеграција . Ова му овозможува на дигиталниот придружник да „одговара на прашања со општо знаење, покрај контролата на системите за инфозабава, навигација и контрола на климата на возилата“.
Додека повеќето функции се контролираат преку инфозабавниот систем, Škoda сепак не ја заборава ергономијата и она што возачите го ценат, па вклучи и неколку најважни физички копчиња, како и минималистички менувач. Забележлива е пловечката централна конзола, како и систем за амбиентално осветлување. Клиентите можат да добијат и одржливи материјали како што се ткаенината RecyTitan и TechnoFil.
Со оглед на тоа дека станува збор за Škoda, новиот Elroq има голем број на „Simply Smart“ детали. Тие вклучуваат чадор поставен на врата, кутија за складирање за патниците на задната страна и стругалка за мраз со мерач за длабочина на шарата на гумата. Но, она што е најважно е што моделот нуди 470 литри багажен простор, кој може да се зголеми на 1.580 литри со преклопување на задните седишта надолу.
Три батерии и достапен погон на сите тркала
Кросоверот вози на платформата MEB и ќе се нуди со асортиман на различни погонски единици. Почетната верзија Elroq 50 има пакет батерии од 55 kWh и мотор поставен одзади кој произведува 170 КС и 310 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на моделот да забрза од 0-100 км/ч за 9 секунди, да достигне максимална брзина од 160 км/ч и да има опсег од 375 километри.
Elroq 60 има поголем пакет батерии од 63 kWh и ова го зголемува опсегот на повеќе од 400 километри. Купувачите ќе најдат и посилен мотор кој произведува 204 КС и 310 Nm вртежен момент. Додека максималната брзина останува непроменета, времето за спринт од 0-100 км/ч паѓа на 8,5 секунди.
Последно, но не и најмалку важно, тука е врвниот Elroq 85. Варијантата со погон на задните тркала има пакет батерии од 82 kWh, кој ветува дека ќе обезбеди опсег на WLTP од 581 километри. Неговиот мотор произведува 286 КС и 545 Nm вртежен момент, овозможувајќи забрзување од 0-100 км/ч за 6,6 секунди и максимална брзина од 180 км/ч.
Škoda, исто така, ги потврди плановите за Elroq 85x, кој располага со систем за погон на сите тркала со двоен мотор. Сепак, компанијата немаше многу друго да каже за тоа во овој момент.
Времето на полнење и технологијата се разликуваат во зависност од моделот, но кросоверот поддржува еднонасочни брзини на брзо полнење од 145 kW, 165 kW и 175 kW. Вториот може да ја земе батеријата од 82 kWh од полнење од 10-80% за само 28 минути.