Тест Peugeot 208: Малиот лав во ново одело
Peugeot 208, наследникот на легендарните 205 и 206, претставува еден од најуспешните модели на францускиот производител. Од своето деби во 2012 година, 208 успеа да освои милиони купувачи ширум светот благодарение на својот модерен дизајн, економични мотори и напредни технологии. Со втората генерација, претставена во 2019 година, Peugeot ја подигна границата уште повисоко, воведувајќи смели дизајнерски линии и електрифицирани варијанти. Овој модел брзо се истакна како лидер во сегментот на мали автомобили, благодарение на својата способност да ги задоволи потребите и на најпребирливите возачи.
Откако пред безмалку пет години имавме можност за првпат да се дружиме со новата генерација на 208, а кратко потоа и електричниот e-208, во редакцијата повторно ни пристигна препознатливото лице, овојпат созреано, пораснато и далеку поискусно. Француската марка неодамна одлучи да го освежи дизајнот и технолошки ја подобри втората генерација на 208, а при нашето возење, се почувствува посебната поврзаност со наследството на овој модел. Од првиот момент, Peugeot 208 покажува дека не е само уште еден мал градски автомобил, туку вистинска икона која ги обединува традицијата и иновацијата.
Модерен и динамичен изглед
Сите нови варијанти на освежениот Peugeot 208 се украсени со нов и поизразен преден дел со кој се најавува новата ера на дизајнерскиот јазик на марката, а со сето тоа автомобилот е вистински магнет за погледи. Со агресивната предна маска и извајаните странични линии, 208 изгледа како мал спортски автомобил, додека новиот светлосен потпис на Peugeot со Full LED технологија, препознатлив по трите долги вертикални светла во форма на канџи, сега се наоѓа на сите нивоа на опременост на 208.
Разликата во однос на претходниот модел е во тоа што предната маска и каросеријата повеќе не се одвоени, туку формираат целина, што го зголемува впечатокот за робусност, ефикасност и модерност. Особено впечатлив е задниот дел со црна лакирана површина и новиот дизајн на задните светла кои повторно се сочинети од трите карактеристични светлосни линии кои се заштитниот знак на Peugeot, но овојпат поставени хоризонтално, благодарение на што визуелно ја прошируваат црната лента во пределот на капакот на багажникот и на тој начин создаваат повпечатлив, навидум поширок изглед на задниот дел.
При нашиот тест, веднаш се забележа колку внимание привлекува овој автомобил на улиците. Линиите на каросеријата не само што го подобруваат визуелниот впечаток, туку и ја подобруваат аеродинамиката, што придонесува за поголема ефикасност и стабилност при повисоки брзини.
Сепак, најголемото внимание се чини дека го привлекува бојата. Имено, Новиот 208 е достапен во вкупно седум бои на каросеријата – Agueda Yellow, Selenium Grey, Artense Grey, Perla Black, Banquise White, Elixir Red и Vertigo Blue. Конкретниот модел кој ние го имавме на тест беше „облечен“ во Agueda Yellow што само по себе придонесува за особена атрактивност на моделот.
Помалку, а повеќе
Во однос на претходно, моделот ги задржа своите компактни надворешни димензии: должина 4.055 мм, ширина 1.745 мм и висина од 1.43 метри, а меѓуоскиното растојание е 2.540 мм. Патничката кабина нуди доволно простор за сместување на четворица возрасни патници, а волуменот на багажникот остана ист, 387 литри, а со преклопени задни седишта до 1.163 литри.
Во внатрешноста, Peugeot исто така подготви освежување за својот адут. Ние имавме прилика да го возиме освежениот 208 со опрема Active (достапни се четири нивоа на опременост Active, Allure, GT-Line и GT), а во ова ниво на опременост пред возачот се наоѓа аналоген инструмент кластер, додека на централната конзола се наоѓа 10-инчен екран наменет за инфозабавата со Android Auto и Apple CarPlay опции за поврзување. Како и кај претходната верзија, остануваат таканаречените „пијано“ копчиња кои овозможуваат брз пристап до некои од главните функции.
Кога станува збор за остатокот од кабината, веќе е познато дека Peugeot има јасен фокус кон создавање на футуристичка и ергономска атмосфера за своите клиенти. Материјалите се висококвалитетни, а вниманието на деталите е на највисоко ниво, што дава сериозно чувство на компактниот автомобил.
Во текот на возењето, приметивме дека сите команди се лесно достапни и логично поставени. Малиот екран меѓу аналогните инструменти нуди јасна и брза прегледност на повеќето потребни информации. Седиштата се удобни и нудат одлична поддршка, што го прави 208 идеален и за нешто подолги патувања.
Едноставноста знае да биде забавна
Кога станува збор за Peugeot 208, веќе е познато дека тој доаѓа со 1.2 PureTech мотор во различна конфигурација, а треба да се истакнат и неговата 100% електрифицирана верзија e-208, со 115 kW/156 КС и опсег до 400 километри, како и новите мотори Hybrid 100 и Hybrid 136.
Сепак, конкретно за тестираниот модел кој го имавме на располагање, под предниот поклопец се наоѓа основниот 1,2-литарски атмосферски бензинец, кој развива 75 коњски сили и 118 Nm вртежен момент. Иако не се работи за мотор со високи перформанси, неговата комбинација со прецизно одмерените степени на пренос на 5-степениот мануелен менувач овозможува сосема солидно и мазно движење низ градските улици. Според фабричките податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае 13.2 секунди, додека максималната брзина изнесува 165 километри на час.
За време на тестирањето, забележавме дека моторот се одликува со тивка и рафинирана работа, особено при пониски вртежи. Иако недостасува дополнителна моќ за динамично возење на автопат, неговата еластичност и ниска потрошувачка го прават идеален избор за секојдневна градска употреба.
Стабилност и сигурност во мало пакување
Peugeot 208 се одликува со стабилно и прецизно управување. Суспензијата е добро подесена, овозможувајќи удобност на подолги патувања и стабилност при свиоци. Менувачот е прецизен, со кратки и лесни движења на рачката. На патиштата автомобилот ни даде чувство на целосна контрола и агилност, а возачкото искуство беше збогатено со лесното и точно управување.
Со декларираната комбинирана потрошувачка од околу 5,5 литри на 100 километри, Peugeot 208 е еден од најекономичните автомобили во својата класа. Во градски услови потрошувачката се зголемува, но на отворен пат автомобилот блеска со својата ефикасност. За време на нашето тестирање, забележавме потрошувачка од 7,5 во градски режим на возење, што е во рамките на очекуваното. Оваа ефикасност го прави 208 идеален избор за оние кои бараат автомобил со ниски трошоци за одржување.
Peugeot 208 е автомобил кој нуди совршен баланс помеѓу стил, технологија и практичност. Со своите иновативни решенија, удобност и економичност, тој претставува одличен избор за оние кои бараат модерен и ефикасен градски автомобил. Неговата историја и наследство само дополнително го зацврстуваат статусот на 208 како еден од најдобрите модели во својот сегмент.
При нашата најнова дружба, имавме можност повторно да се се увериме дека Peugeot 208 е многу повеќе од само убав автомобил – тој е комплетен пакет кој ги задоволува и највисоките очекувања на модерните возачи.
Цена на тестираниот модел – 16.990 Евра
Технички податоци за Peugeot 208 1.2 Puretech 75 Active
мотор | Euro 6d бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 cm3 |
пречник и од | 75×90,5 |
степен на компресија | 11:0 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 75 КС при 5.750 min/-1 |
макс. вртежен момент | 118 Nm при 2.750 min/-1 |
трансмисија | На предни тркала преку пет-степен мануелен менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред дискови, назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 195/55 R16 |
каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.055 mm x 1.745 mm x 1.430 mm |
меѓуоскино растојание | 2.540 mm |
траги (напред/назад) | 1.500/1.500 |
тежина | 1.033 kg |
максимална тежина | 1.510 kg |
багажен капацитет | 387 – 1.163 литри |
резервоар | 44 литри |
максимална брзина | 165 километри на час |
забрзување 0-100 km/h | 13,2 секунди |
потрошувачка (просек) | 5,4 литри на 100 километри |
емисија на CO2 | 120 g/km |
Повеќе информации во Еуроимпекс или на тел. (02) 3111 000.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.