Возевме: Opel Mokka и Mokka-e: Познати пропорции исполнети со нови технологии

По многу нешта Opel е специфична автомобилска марка која многу често своите дизајнерски студии со минимални корекции на замислената показна вежба ги претвора во возила што набрзо стануваат продукциски модели. Таков е случајот и со актуелната изведба на моделот Mokka, која јавно дебитираше во втората половина на 2018 година како „show car“ наречен Opel GT X Experimental concept. Позитивните реакции од публиката само го забрзаа темпото на развој, па така Mokka со сериско производство започна 2 години подоцна, а првите примероци на купувачите им беа испорачани на почетокот од 2021 година.

Со својот храбар и чист дизајн, Mokka инстанто стана бестселер модел на марката што потврдуваат и бројките на испорачани примероци. По речиси четири години на пазарот во Руселсхајм одлучија дека е вистинско време Mokka да добие освежување во поглед на дизајнот, технологијата и моторната понуда. Затоа, на покана од Еуроимпекс, генералниот импортер за возилата од марката Opel во Македонија отпатувавме на Палма де Мајорка каде меѓу првите во Европа на интернационално тест возење имавме прилика подетално да ја запознаеме обновената Opel Mokka.

Фино брусење на смелиот облик

На првата средба Mokka ве дочекува со смели и прецизни линии, вклучувајќи го и карактеристичниот Opel Vizor кој остава навистина силен впечаток. За потсетување, Mokka е модел што го воведе препознатливиот бренд дизајн, кој сега го краси секој нов модел на Opel. Наместо целосна трансформација, Mokka ја задржа основната естетика и суптилно ги нагласува нејзините визуелни предности. Впрочем зошто би се правеле големи промени кога дизајнерите уште на самиот старт успешно ја завршиле својата работа, сепак направени се минимални измени кои внесуваат доза на дополнителна свежина. Новото лого, т.н. Opel Blitz е сместено во средината на Vizor-от, што сега уште повеќе го истакнува карактерот и визуелно ги поврзува новите ЛЕД предни светла со карактеристичниот „крилен“ потпис и три одделни светлосни блокови во една компактна целина, визуелно многу слично како кај новата Opel Frontera.

Возевме Opel Mokka и Opel Mokka-e

Во духот на мотото ‘black is beautiful’, користени се црни обраби и елементи кои се протегаат како линија од хаубата до задниот дел. Црните заштитни облоги на предниот и задниот дел, како и околу тркалата, дополнително ја истакнуваат спортската елеганција. Сјајната црна декоративна лента што минува по долните површини на вратите ја рефлектира линијата на прозорците и придонесува за стилскиот изглед. Во согласност со пристапот „Greenovation“ на Opel, новите аеродинамични тркала и редизајнираниот преден браник се одговорни за подобра аеродинамика. Покрај тоа, новата Mokka целосно се откажува од хромираните детали на екстериерот, што дополнително ја нагласува нејзината модерна и прочистена естетика.

Минимализам во нова интерпретација

Пристапот кон одржлив дизајн продолжува и во внатрешноста, па така сите материјали за тапацирите се направени од рециклирани компоненти. Визуелно, „Detox“ концептот го насочува фокусот на суштинските елементи кои и треба да се секогаш во прв план. Новиот управувач со рамни делови на горниот и долниот сегмент е целосно изработен од вегански материјали, неговиот облик носи спортски карактер, додека централно поставеното „ Blitz“ лого го воведува Opel Vizor концептот и во внатрешноста на Mokka. Измени има и на централната конзола помеѓу предните седишта, сега тука се користи мат сребрен финиш и е подобро организирана од претходно.

Возевме Opel Mokka и Opel Mokka-e

Соработката помеѓу дизајнерите и инженерите доведува некои од функциите, кои претходно се комануваа преку копчиња, сега да се вметнати директно во централениот дисплеј. Командите на клима уредот за среќа не се променти, остануваат достапни во подножјето со своето физичко присуство. Дополнително, прекинувачите за електричната паркинг сопирачка и изборот на режимите за возење го преземаат својот изглед од целосно новиот Opel Grandland. Резултатот од преуредувањето создава слика каде целиот кокпит изгледа помодерно и повпечатливо, давајќи чувство на ентериер како од повисока класа.

Возевме Opel Mokka и Opel Mokka-e

Интелигентна интеграција

Една од новините која се истакнува во кабината е новата генерација на инфозабавниот систем што значително го унапредува корисничкото искуство. Кокпитот користи напредна платформа од реномираниот производител на микрочипови Qualcomm, која овозможува висококвалитетна графика, напредни мултимедијални функции и подобрена поврзаност, вклучувајќи Wi-Fi, Bluetooth и 4G. Кај редизајнираната Mokka сега стандардно се вградени 10-инчен дигитален дисплеј за возачот и подеднакво голем централен екран за мултимедија. Овој систем може лесно да се прилагодува преку виџети, слично како на паметен телефон, а со вклучената навигација, доволно е да се каже „Hey, Opel“ за активирање на гласовно препознавање.

Двата дисплеи можат да се персонализираат на различни начини. Системот автоматски го препознава корисничкиот профил на поврзаниот паметен телефон, а конекцијата со возилото секогаш е безжична. На централниот екран можат да се постават различни виртуелни кратенки, а корисниците можат да избираат меѓу повеќе различни теми. Доколку возилото е опремено со вградена навигација, картите се ажурираат преку интернет,системот исто така учи од навиките на возачот и автоматски предлага дестинации и рути. Апликацијата myOpel овозможува лесно испраќање на дестинации директно до навигацискиот систем на автомобилот. За прв пат во Mokka е воведен и ChatGPT, овозможувајќи пристап до широк опсег на информации преку напредна вештачка интелигенција. Безжично полнење за паметни телефони и поврзување преку USB-C приклучок се исто така дел од опремата. За полесно маневрирање во град, опционалната камера со агол од 180 степени обезбедува одлична прегледност.

Широк избор на ефикасни двигатели

Агрегатската понудата кај освежената Mokka покрај постоечките мотори кои од 1.2 литраскиот турбо агрегат испорачуваат 100 КС и 130 КС и се опремени со 6 брзински мануелен или 8 степен автоматски пренос се проширува со „mild hybrid“ изведба која користи 48 волтна технологија. Основата ја сочинува трицилиндарскиот бензинец опремен со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 136 КС при 5.500 врт/мин, а максималениот вртежен момент од 230 Нм го ослободува од ниски 1.750 врт/мин.

Како дополнување на агрегатот со внатрешно согорување развиен е нов 6 степен автоматски менувач со двојна спојка во кој е интегриран мал електромотор што располага со моќ од 28 КС, а енергијата ја црпи од мала 0,89 kWh батерија. Неговата примарна улога е да го помогне стартот на движењето што е овозможено преку инстантната испорака на влечната сила од 51 Нм која е на располагање од само 750 врт/мин. Она што го искусивме на рутите само ни ги докажа нашите претпоставки. Електромоторот во текот на возењето додава моќ кога e потребно подобро забрзување или едноставно да ја одржува (coasting) зададената патна брзина, во исто време системот го исклучува бензинскиот агрегат. Придобивките се однапред јасни, од Opel декларираат потрошувачка која е 4,9 л/100км и штетни издувни гасови во висина од 110 г/км.

Возевме Opel Mokka и Opel Mokka-e

Втората опција е комплетно електрична, Mokka сега го добива исклучиво помоќниот електромотор што произведува 156 КС. Силата ја црпи од 54 kWh батерија што и овозможен радиус на движење од 403 километри. Просечната декларирана потрошувачка од 15,6 kWh/100км лесно се надокнадува на брз полнач со капацитет од 100 kWh, за батеријата да се надополни од 20% до 80% потребни се 27 минути. Во возењето се забележува цврстата поставеност на патот при повисоки брзини, рекалибрираното потпирање позитивно не изненади преминувајќи преку препреки наменети за регулирање на брзината во град каде Mokka реагира многу смирено и вкомпонирано, овој податок подеднакво се однесува и на хибридната верзија.

Компанијата го прави изборот на новата Mokka подеднакво јасен како и нејзиниот смел и оригинален дизајн. Новиот модел е достапен во изведбите „Edition“ и „GS“, шест нијанси го сочинуваат изборот на бои, додека моторната понуда е составена од бензински, хибриден и електричен двигател. Пристигнувањето на обновената Mokka во салоните низ Македонија се очекува да се случи набрзо, за што ќе бидете навремено информирани од наша страна.

Поврзани вести

Back to top button