РКЕ одлучи – Бензините поскапуваат, дизелот поевтин
Со својата најнова одлука, Регулаторната комисија за енергетика ќе ја намали цената на дизелот, а ќе ги поскапи цените на бензините

Во согласност со својата методологија за утврдување на малопродажните цени на нафтените деривати, Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на цените на горивата во просек за 0,21 проценти во однос на претходната одлука. Новите цени стапуваат на сила од ноќеска на полноќ.
Со најновата одлука на РКЕ, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит, во однос на претходната недела и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 73,50 денари за литар, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 75,50 денари за литар гориво.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ, се намалува за 0,50 ден/лит, во однос на минатата недела и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ изнесува 64,50 денари за литар.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,847%, кај дизелот има намалување за 1,511%, кај екстра лесното масло исто така има намалување за 1,181% и кај мазутот намалувањето е за 2,906%.