Тест Fiat Grande Panda: Бомбастично враќање на легендарната „коцкичка“

Со ретро инспириран дизајн, иновативен пристап во обработка на ентериерот и благ хибриден погон, новата Grande Panda нуди автентично италијанско толкување на современата урбана мобилност.
Името Panda има посебно место во историјата на Fiat и во европската автомобилска култура. Од своето деби во 80-тите години, овој модел се етаблира како симбол на едноставност, практичност и пристапна мобилност. Со новата Grande Panda, италијанскиот производител повторно ја оживува оваа легенда, но во согласност со современите технолошки и еколошки стандарди како би се задоволиле се покомплексините побарувања од страна на купувачите.

Појава која зрачи со својот каратер
Новиот Grande Panda визуелно јасно се повикува на оригиналниот модел од 80-тите години, но во современа интерпретација. Квадратестите форми, чистите линии и компактните пропорции создаваат препознатлива силуета која веднаш асоцира на класичната Panda. Предниот дел е обликуван со минималистичка маска и модерни LED светла со уникатен „пиксел“ светлосен потпис, инспириран од старите правоаголни фарови. Браниците содржат заштитни пластични елементи со текстура која потсетува на теренските верзии од минатото.
На страничниот профил се забележуваат дискретни декоративни линии и геометриски мотиви, кои директно реферираат на дизајнот на старите модели од гамата на марката. но и уникатен дизајнерски потпис во долниот дел од вратите, директно во металот е втиснато името „PANDA“, што претставува суптилен, но моќен визуелен акцент.
Задниот дел изгледа едноставано но со многу карактер, со вертикални светла сместени во продѕирни куќишта и широка врата од багажникот, на која е втиснато името Fiat, дополнително нагласувајќи ја автентичноста на моделот. Посебен елемент се наоѓа на Ц-столбот, каде преку специјален оптички ефект, при гледање под различен агол се појавува старото лого на компанијата или името на марката. Овој детаљ ја симболизира поврзаноста меѓу историјата и современоста. Ваквите втиснати и скриени детали не се само естетски украси, туку претставуваат дел од поширокиот концепт на моделот кој ја раскажува приказната за Panda преку самиот дизајн. Во целина, надворешниот дизајн на Grande Panda успешно ги комбинира ретро инспирацијата, современата технологија и вниманието кон деталите, создавајќи автомобил кој е емоционално привлечен и визуелно уникатен.

Веселата страна на животот
Внатрешноста на Grande Panda претставува една од најсилните страни и воедно елемент по кој јасно се издвојува од повеќето конкуренти во сегментот. Марката свесно се оддалечува од стандардните, монохроматски и минималистички решенија, нудејќи ентериер со изразен карактер, визуелна топлина и препознатлива индивидуалност.
Контролната табла е обликувана со нагласени хоризонтални линии и геометриски форми кои директно потсетуваат на ентериерите на моделите на марката од 80-тите и 90-тите години. Во неа се интегрирани декоративни панели во пастелни и ретро инспирирани нијанси што претставува вистинска реткост во оваа класа и дополнително го нагласува карактерот на автомобилот. Посебен дизајнерски акцент претставува т.н. Bambox, практична преграда сместена на горниот дел од контролната табла, изработена од специјален материјал со структура што потсетува на бамбусово дрво. Овој елемент, покрај тоа што е функционален простор за одложување на помали предмети, симболично ја поврзува модерната еколошка филозофија со традиционалниот италијански дизајнерски пристап.
Веднаш до централниот мултимедијален екран е поставен и мал декоративен модел на класичната Fiat Panda, сместен во посебно транспарентно куќиште. Овој детал не е само визуелен украс, туку претставува јасна референца кон богатото наследство на моделот и создава емоционална врска меѓу минатото и сегашноста. Таквите суптилни дизајнерски решенија ретко се среќаваат во овој сегмент и му даваат на ентериерот дополнителна автентичност.

Пред возачот се наоѓа целосно дигитален инструмент панел со дијагонала од 10 инчи, кој нуди јасен и прегледен приказ на сите клучни информации, со графиката која е модерна, но со суптилни ретро елементи, што совршено се вклопува во целокупниот концепт. Во централниот дел е поставен мултимедијален екран на допир со големина од 10,25 инчи, со висока резолуција и брз одзив. Системот поддржува Android Auto и Apple CarPlay, безжично поврзување, што овозможува лесен пристап до навигација, музика и комуникација.
За разлика од многу конкуренти кои целосно ги префрлија контролите во дигитален формат, Grande Panda ги задржа физичките команди за управување со климатизацијата сместени на посебен панел под централниот екран, што се грижи за интуитивно и безбедно користење без одвлекување на вниманието од патот. Решението претставува практичен компромис меѓу модерната технологија и употребливост. Седиштата се тапацирани со ткаенини со уникатна текстура, инспирирана од ретро мотиви, со контрастни елементи во боја.

Просторот во предниот дел е великодушен, со доволно место за глава, нозе и рамена, дури и за повисоки патници. Задната клупа обезбедува солиден комфор за две возрасни лица, кои нема да имаат забелешки ни при подолги патувања. Багажниот дел располага со капацитет од 412 литри, кој со преклопување на задните седишта се зголемува на приближно 1.366 литри, што го прави автомобилот исклучително практичен. Иако станува збор за модел од Б сегментот, Fiat вложил значителен напор во креирањето на ентериер кој визуелно се издвојува од конкуренцијата.
Во кабината доминираат тврди пластики (што е нормално за класата), но со специјална обработка и пријатна текстура на допир. Посебно внимание е посветено на боите и декоративните елементи. Детали како формата на вентилационите отвори со јаки и контрастни бои, дизајнот и текстурата на панелите директно се повикуваат на историското наследство на марката. Резултатот е кабина која не само што е функционална и практична, туку и визуелно препознатлива, со јасен идентитет и многу шарм, што ја прави Grande Panda еден од најкарактерните модели во својата класа.

Како скроен по мерка
Под хаубата на тестираниот модел се наоѓа 1.2-литарски трицилиндричен бензински мотор кој развива 100 КС и 205 Нм вртежен момент, комбиниран со 48-волтен благ хибриден систем кој користи батерија со капацитет од 0,9 kWh, додека електромоторот испорачува околу 21 kW. Овој погонски склоп е дел од новата генерација мотори на Stellantis и е оптимизиран за ефикасност и ниски емисии. Електромоторот му помага на бензинецот при тргнување, забрзување и при ниски брзини, со што се намалува оптоварувањето на моторот и се грижи подобрување на вкупната економичност. Во одредени ситуации, автомобилот може краткотрајно да се движи и само на електрична енергија. Моторот е комбиниран со автоматски менувач со двојна спојка, кој овозможува брзи и мазни промени низ 6-те степени на пренос.
Во градско возење, овој систем функционира речиси незабележливо, што значително го зголемува комфорот. Во однос на перформансите, Grande Panda нуди и повеќе од доволно динамика за дневните активности. Забрзувањето е рамномерно, а двигателот покажува добра еластичност при меѓузабрзувања. Иако не претендира на спортски карактер, „големата панда“ повеќе од успешно одговара на предизвиците кои секојдневно ги доживува просечниот возач. Потрошувачката во реални услови е умерена, особено во градски режим, каде хибридниот систем доаѓа најмногу до израз. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува околу 11,2 секунди, максималната брзина изнесува 160 км/ч, а реалната просечна потрошувачка за време на нашето дружење се движеше во зоната од 5,7-6,2 Л/100 км. Grande Panda нуди стабилно, предвидливо и комфорно однесување.
Суспензијата, што е и нормално е ориентирана кон удобност, управувањето е лесно, а нејзините компактни димензии овозможуваат одлично маневрирање во град. Состојбата не се менува во суштина и на отворен пат, автомобилот е прецизен и стабилен, што се должи на добро избалансираната шасија која воедно го прави целокупното возачко искуство релаксирано, што совршено одговара на нејзината главна намена.
Во верзијата со благ хибриден погон, Grande Panda претставува внимателно избалансиран пакет кој комбинира економичност, солидни перформанси и карактеристичен дизајнерски идентитет. Автомобил кој не се стреми кон луксуз или спортска ориентација, туку останува верен на својата основна филозофија, да биде практичен и стилски придружник за секојдневна употреба.

Технички податоци за Fiat Grande Panda 1.2 Hybrid La Prima
Цена на тестираниот модел: 21.400 евра
| Мотор | Euro 6e, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 1.199 см3 |
| пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
| степен на компресија | 10,5:1 |
| Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
| Макс. моќ/ Mакс. моќ на електромотор |
100 KС (74 kW) при 5.500 min/-1
28 КС при 0 min/-1 |
| Макс. вртежен момент/ Mакс. вртежен момент на електромотор |
205 Нм при 1.750 врт/мин
55 НМ помеѓу 750 и 2.500 врт/мин |
| Капацитет на батерија | 0,89 kWh (Li-Ion) |
| Трансмисија | на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач |
| Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
| Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| Пневматици | 205/55 R17 (напред) 205/55 R17 (позади) |
| Каросерија | Хечбек со пет врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 3.999 x 1.763 x 1.586 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.540 мм |
| траги (напред/назад) | -.—/-.— мм |
| Тежина | 1.349 кг |
| максимална тежина | -.—/-.— мм |
| багажен капацитет | 412/1.366 литри |
| Резервоар | 44 литри |
| максимална брзина | 160 км/ч |
| забрзување 0-100 km/h | 11.2 секунди |
| просечна потрошувачка на хибриден систем | 5,1 л/100 км |
| емисија на CO2 | 117 г/км |
Fiat Grande Panda во Македонија
| Fiat Grande Panda 1.2 100 MT6 POP | 16.990 евра |
| Fiat Grande Panda 1.2 100 MT6 ICON | 18.190 евра |
| Fiat Grande Panda 1.2 100 MT6 La Prima | 19.990 евра |
| Fiat Grande Panda 1.2 100 AT e-Hybrid POP | 18.990 евра |
| Fiat Grande Panda 1.2 100 AT e-Hybrid ICON | 20.490 евра |
| Fiat Grande Panda 1.2 100 AT e-Hybrid La Prima | 22.190 евра |
| Fiat Grande Panda BEV POP | 24.500 евра |
| Fiat Grande Panda BEV ICON | 26.500 евра |
Повеќе информации во Аутомобиле Ск на тел. (02) 30 93 100 или на www.fiat.mk
Конкуренти:
| Peugeot 208 | од 16.690 до –.— еврa |
| Hyundai i20 | од 17.900 до 23.900 еврa |
| Toyota Yaris | од 19.990 до 32.690 еврa |
| Škoda Fabia | од 17.704 до 22.500 евра |
| Suzuki Swift | од 16.990 до 23.890 евра |
| Citroen C3 | од 15.990 до 29.490 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.






































