Opel ја враќа легендарната GSE ознака со новата електрична Corsa GSE
Opel Corsa GSE е најмоќната сериска Corsa досега со 281 КС, забрзување до 100 км/ч за 5,5 секунди и целосно електричен „hot hatch“ карактер

Новата Opel Corsa GSE претставува најмоќната сериска Corsa досега и уште еден чекор во електричната спортска офанзива на Opel. Германскиот производител официјално ги откри првите детали и фотографии од новиот модел, кој треба да дебитира пред јавноста на Саемот за автомобили во Париз во октомври оваа година.
Со новата Corsa GSE, Opel повторно се враќа во сегментот на компактни спортски модели, овојпат со целосно електричен погон и фокус на високи перформанси. Ознаката GSE, што значи Grand Sport Electric, добива ново значење преку комбинација од агресивен дизајн, спортска шасија и моќен електричен мотор.

Забрзување до „стотка“ за само 5,5 секунди
Под каросеријата на Opel Corsa GSE се наоѓа електромотор со 207 kW, односно 281 коњски сили и 345 Nm вртежен момент. Благодарение на овие бројки, моделот забрзува од 0 до 100 km/h за само 5,5 секунди, што го прави најбрзиот сериски Opel во историјата.
Максималната брзина изнесува 180 km/h, а возачите ќе можат да изберат меѓу три режими на возење – Sport, Normal и Eco. Во Sport режимот, автомобилот ја ослободува целата моќност и нуди подесувања инспирирани од тркачките патеки, додека Eco режимот е насочен кон максимална ефикасност и ограничување на брзината на 150 km/h.
Енергијата се складира во батерија со капацитет од 54 kWh, а инженерите дополнително го унапредиле системот за термален менаџмент со цел да се обезбеди стабилност и постојани перформанси дури и при поагресивно возење.

Спортска шасија и напредна технологија
Новата Corsa GSE добива низа технички подобрувања кои треба да обезбедат попрецизно управување и подобра стабилност. Моделот располага со Torsen диференцијал со ограничено пролизгување, специјално подесена спортска суспензија, нови стабилизатори и хидраулични амортизери.
Сопирањето е доверено на Alcon систем со четириклипни сопирачки, додека Michelin Pilot Sport 4S пневматиците во димензија 215/40 R18 дополнително го нагласуваат спортскиот карактер на автомобилот.
Агресивен дизајн инспириран од GSi моделите
Дизајнерите на Opel очигледно сакале новата Corsa GSE веднаш да биде препознатлива. Моделот добива специфичен преден и заден браник, црни детали по каросеријата, проширени лакови на тркалата и контрастен црн покрив со заден спојлер.

Особено впечатливи се 18-инчните трокраки фелни, зад кои се кријат жолти Alcon сопирачки клешти со GSE ознаки. Целиот изглед претставува модерна интерпретација на легендарните спортски изведби на Corsa од 80-тите и 90-тите години.
Ентериер со спортска атмосфера
Во кабината доминира комбинација од Alcantara материјали, жолти акценти и спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава. Дизајнот е инспириран од старите GSi модели, а карираните детали претставуваат директна референца на првата генерација на Corsa.
Возачот добива дигитален инструмент панел и централен 10-инчен екран со специјални GSE графики, приказ на G-сили, податоци за забрзување и информации за батеријата. Спортските алуминиумски педали и жолтите безбедносни појаси дополнително ја заокружуваат атмосферата.

Практичност и модерна опрема
И покрај спортскиот карактер, Opel Corsa GSE ќе нуди и богата технолошка опрема. Меѓу достапните системи се грејачи за седишта и волан, 180-степенa камера за возење наназад, бесконтактно отклучување и стартување, како и двонасочен V2L полнач.
Овој систем овозможува батеријата на автомобилот да напојува надворешни уреди, од електрични велосипеди до мали апарати и кампинг опрема.
Со новата Corsa GSE, Opel јасно покажува дека електричните автомобили не мора да бидат само практични и ефикасни, туку можат да понудат и вистинско спортско доживување зад воланот.












