Aston Martin дебитира на Dakar релито со Фернандо Алонсо и Себастиен Леб
Aston Martin првпат ќе настапи на Dakar релито со Фернандо Алонсо, Себастиен Леб и Лукас Мораес со возилото Dreadnought

ston Martin официјално потврди дека во јануари 2027 година за првпат ќе настапи на легендарното Dakar рели, а за своето деби британскиот производител ангажираше имиња кои гарантираат големо внимание како што се актуелниот Formula 1 возач Фернандо Алонсо, рели легендата Себастиен Леб и актуелниот шампион во FIA World Rally-Raid Championship, Лукас Мораес.
За развојот и подготовката на трите натпреварувачки возила ќе биде задолжена британската компанија Prodrive, долгогодишен специјалист во светот на рели натпреварувањата.
Dreadnought e новото оружје на Aston Martin
Натпреварувачкиот автомобил ќе го носи името Dreadnought, инспирирано од истоимениот концепт претставен претходно оваа година за видеоиграта Call of Duty: Modern Warfare 4.
Иако Aston Martin засега не открива технички детали, ниту каков мотор ќе го придвижува Dreadnought, објавените фотографии покажуваат дека моделот презема неколку дизајнерски елементи од сериските автомобили на брендот, меѓу кои Valour и Valen.
Автомобилот добива тесни LED задни светла, голем заден спојлер, изложени елементи од суспензијата, карбонски панели за намалување на тежината и резервни тркала сместени во задниот дел на каросеријата.

Алонсо повторно се враќа на Дакар
За Фернандо Алонсо, ова нема да биде прво учество на најтешкото рели во светот. Шпанецот настапи на Dakar и во 2020 година со Toyota, кога го освои 13. место во генералниот пласман. На претстојното издание повторно ќе соработува со својот искусен совозач Марк Кома.
„По одлуката да продолжам да се натпреварувам во Formula 1, внимателно размислував за Dakar. На крајот одлуката беше едноставна. Сакав повторно да го прифатам предизвикот и истовремено да се натпреварувам во Formula 1 и на Dakar. Тоа беше едно од најпредизвикувачките, но и најубавите искуства во мојата кариера“, изјави Алонсо.
Себастиен Леб и Лукас Мораес ја комплетираат поставата
Покрај Алонсо, Aston Martin ќе смета и на Себастиен Леб, деветкратен светски шампион во Светскиот рели шампионат (WRC).
Французинот досега десетпати настапил на Dakar, петпати се искачил на победничкиот подиум и има 28 етапни победи, но сè уште ја брка својата прва вкупна победа. Негов совозач ќе биде Фабиен Луркен.
Третиот автомобил ќе го вози Лукас Мораес, актуелен шампион во FIA World Rally-Raid Championship, заедно со совозачот Пабло Морено. Бразилецот веќе се докажа на Dakar со освоеното трето место при своето деби во 2023 година.

Можно е Dreadnought да биде базиран на Dacia Sandrider
Иако Aston Martin не ги потврди техничките детали, според претходни информации на Motorsport.com, новиот Dreadnought би можел да биде развиен врз основа на Dacia Sandrider, моделот изработен од Prodrive кој победи на овогодинешното издание на Дакар со Насер Ал-Атија.
Со ваква комбинација од искусен технички партнер и тројца врвни возачи, Aston Martin јасно покажува дека на своето прво учество на Dakar нема да биде само уште еден дебитант, туку тим кој ќе атакува на највисок пласман.








