RPM Fest II успешно се одржа во Штип
RPM Fest II во Штип ги обедини автомобилските брендови, ентузијастите и посетителите, со неколку премиери и богата програма

Штип беше домаќин на второто издание на RPM Fest – Фестивалот на македонскиот автомобилизам, настан кој уште еднаш ги обедини автомобилската индустрија, автомобилските ентузијасти и љубителите на автомобилизмот на едно место.
По успешното деби минатата година, RPM Fest II се врати со уште побогата програма, повеќе изложувачи и поголем број посетители, потврдувајќи дека во Македонија постои силен интерес за ваков тип настани посветени на автомобилската култура, иновациите, технологијата и традицијата.

Премиери, нови модели и автомобилски иновации
Посетителите имаа можност одблизу да ги разгледаат најновите модели на автомобилските производители, да се запознаат со современите технологии и да добијат информации за актуелната понуда на македонскиот пазар.
Посебно внимание привлекоа и предпремиерите на моделите Volvo EX60 и Mazda CX-6e, кои за првпат беа претставени пред македонската публика токму на RPM Fest II.
Покрај новите автомобили, фестивалот понуди и содржини кои ја истакнаа автомобилската традиција, како и различни сегменти од автомобилската култура, создавајќи уникатно искуство за сите генерации посетители.

Повеќе од автомобилски фестивал
Организаторите истакнуваат дека главната цел на RPM Fest е да создаде простор каде директно ќе се поврзат автомобилските компании со јавноста, но и да придонесе за развојот на автомобилската култура во Македонија.
„Нашата цел од самиот почеток беше да создадеме настан кој ќе го обедини македонскиот автомобилизам и ќе понуди нешто поразлично од она на што сме навикнати. Со второто издание направивме уште еден значаен чекор кон враќање на духот на автомобилските саеми во Македонија, но преку еден современ фестивалски концепт. RPM Fest не е само изложба на автомобили, туку платформа за промоција на автомобилската индустрија, дружење и развој на автомобилската култура“, порачаа организаторите.

Амбиција фестивалот да стане традиција
Од организацијата упатија благодарност до сите автомобилски компании, партнери, учесници, институции, медиуми и посетители кои придонесоа за успешната реализација на второто издание на фестивалот.
Со успешно организираниот RPM Fest II, организаторите најавуваат продолжување на приказната и јасна амбиција фестивалот да прерасне во традиционален настан на кој секоја година ќе се слави македонскиот автомобилизам.














































