Distinguished Gentleman’s Ride по втор пат во Скопје
Парадата Distinguished Gentleman’s Ride 2017, во рамки на глобалното движење поддржано од Мовембер фондацијата, со цел подигање на свеста за превенција од рак на простата годинава и по втор пат се одржа во Скопје
Низ улиците на македонската метропола продефилираа, според официјалните податоци, 102 моторцикли, управувани од господа и дами во беспрекорна тоалета и гардераба како дел од хуманитарниот настан Distinguished Gentleman’s Ride. Парадата и овој пат беше дел од глобалното движење поддржано од Мовембер фондацијата, со првенствена цел подигање на свеста за превенција од рак на простата и менталното здравје кај мажите. Според организаторите во Скопје се собрани 2004 долари, а на над 600 локации во светот 4.402.428 долари од близу 100.000 учесници. Главната цел е да се соберат пет милиони долари.
Ова беше навистина уште еден беспрекорно организиран настан во Скопје, а во параднот возење по централните градски улици, нашите сограѓани навистина се прикажаа во поинакво светло, како културни и модерни урбани ликови, „дуздисани и дотерани за мерак“, што е и главната цел на Distinguished Gentleman’s Ride, за да се разбијат стереотипите дека моторциклистите се секогаш оние кои се неуредни и не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Им благодариме на организаторите што и овој пат ја ставија македонската метропола на светската мапа на Distinguished Gentleman’s Ride. Скопје се оддолжи достојно!