fbpx

Довициозо победник во трилерот во Австрија

Андреа Довициозо со Ducati триумфираше на патеката RedBull Ring за ГН на Австрија

Андреа Довициозо со Ducati триумфираше на патеката RedBull Ring за ГН на Австрија. Тоа беше нова крајно динамична и до самиот финиш неизвесна трка, во која Довициозо ја доби битката со виозачот на Honda, Марк Маркез, буквално во последниот свиок и стигна до трета победа сезонава.

Австрија

Довициозо беше фаворит за победа по минатогодишното претставување, но водечкиот во генералниот пласман и актуелен шампион, Маркез успеа максимално да му ја искомплицира задачата. Клупскиот колега на Довициозо, Хорхе Лоренцо започна одлично, но не успеа да се избори за подиум и финишираше четврти зад Дани Педроса. И двајцата пилоти на Yamaha, Маверик Виналес и Валентино Роси не успеаја да се вмешаат во борбата за победа пласирајки се на шестото и седмото место, а пред нив успеа да финишира сателитскиот пилот на Yamaha, Јоан Зарко.

Австрија

Довициозо и Лоренцо се одлучија за задни софт гуми, додека Маркез, Роси и Виналес избраа тврди.

Маркез стартуваше од пол-позицијата и успеа да ја задржи првата позиција до третиот свиок пред Хорхе Лоренцо. Зад нив, иако стартуваше како седми, Докторот напредуваше три позиции и се залепи до Андреа Довициозо на четвртото место. Дани Педроса исто напредуваше значително и ја зазеде шестата позиција зад Виналес додека минатогодишниот победник, тогаш со Ducati, а сега со Suzuki, Андреа Иноне се најде на осмото место.

По вториот круг предноста на Лоренцо беше над секунда, а Зарко и Педроса стигнаа пред Виналес. Во почетокот на петтата рунда, Маркез го надополни заостатокот од Лоренцо на половина секунда, а Јонас Фолгер се повлече од трката поради технички проблем со сопирачките. Технички проблем имаше и италијанецот Данило Петручи, кој не успеа да го заврши 11. круг.

Во осмиот круг Довициозо за прв пат го мина Маркез, по грешка на Шпанецот на свиокот број 3 и излезе зад клупскиот колега, додека Зарко беше нападнат од Докторот.

Малку подоцна, сепак Маркез повторно беше втор и тоа беше старт на бројните надминување меѓу него и Довициозо. Виналес беше поминат од Дани Педроса, кој добива се повеќе на брзина, а Маркез веќе му дишеше во врат на Лоренцо и наскоро успеа да го надмине, а истото го стори и Довициозо. Во меѓувреме, Зарко и Педроса стигнаа пред Роси, а по грешка на ветеранот и Виналес се најде пред него, со што Докторот загуби три позиции во рамките на еден круг и не успеа да ги врати до крајот на трката.

Маркес и Довициозо почнаа да се одделуваат, но Дани Педроса ги стигна со неколку најбрзи кругови, претекнувајки го и Лоренцо. Трилерот меѓу двајцата возачи не можеше да биде никако однапред режиран, им немаше крај на возбудувањата, а тие завршија буквално на неколку метри пред целта. Маркез се обиде да го мине Довициозо со совршен маневар, но едвај го „задржа“ мотоциклот, со неверојатен потег, каков може да изведе се чини само шампионот, па Италијанецот конечно стигна до победата.

Во генералниот пласман по 11 поминати рунди Маркез продолжува да биде лидер со 174 поени, следен од Довициозо со 158 , Виналес 150, Роси 141 и Педроса 139 бодови. Италијанецот Франко Морбидели со Kalex ја освои седмата победа сезонава во категоријата Moto2. Морбидели стартуваше како втор, но успеа да се справи со Алекс Маркез и најголемиот ривал за титулата, Швајцарецот Томас Лути.

Италијанецот генерира солидна предност од самиот почеток на трката и заврши со 1.312 секунди во однос на Маркез и со 2.544 пред Лути.

Морбидели води во генералниот пласман со 207 поени, Лути е втор со 181 поени, следен од Маркез со 153. Во категоријата Moto3 триумф на водечкиот Јоан Мир на Honda со резултат од 37:23.124 минути. Тој доминиташе на RedBull Ring и заврши со 3.045 секунди пред Германецот Филип Отл на KTM и Шпанецот Хорхе Мартин на Honda, кој доцнеше 3.377 секумди. Мир води во генералниот пласман со 215 поени, пред Романо Фенати со 151 и Арон Канет со 137 бодови.

Поврзани вести

Back to top button