Шангај 2019: Volkswagen ID. Roomzz Concept
Вториот концептен електричен SUV на брендот доаѓа со возен опсег од 450 километри, а неговата производна верзија се очекува во 2021 година
Германскиот гигант на шоуто во Шангај официјално го претстави својот нов електричен SUV модел, концептниот Volkswagen ID. Roomzz. Со должина од 4.920 милиметри, новиот електричен SUV е за 42 милиметри подолг од Touareg, при што како концептен модел тој е опремен со четири седишта, додека пак неговата производна верзија ќе има седум седишта.
Новиот ID. Roomzz е дизајниран така што нуди автономност од четврто ниво, што значи дека овој автомобил во повеќе возни ситуации може да управува сам. За да се стартува режимот на самостојно возење, возачот треба да го притисне логото на Volkswagen поставено на управувачот и да го задржи пет секунди. Со ова, управувачот се поместува во затворена положба со цел да обезбеди повеќе простор во областа на возачката кабина.
Распоредот на седиштата е навистина флексибилен и приспособлив, со што внатрешноста на ID. Roomzz може многу лесно да заличи и на класична соба. Секое седиште може да се ротира навнатре за 25 степени, а ова овозможува поголема и полесна комуникација помеѓу возачот и патниците. Ваквиот распоред се постигнува само кога автомобилот е во автономен режим на работа. Со повторно притискање на логото на управувачот, возачот ја превзема контролата врз автомобилот.
Внатрешноста се одликува со еколошки карактер. Седиштата се изработени со материјал кој содржи остатоци од производството на сок од јаболко, кој Volkswagen го нарекува AppleSkin. Овој материјал може да замени дури 20 проценти од полиуретанот што се користи во седиштето.
Наместо конценционалната управувачка табла, електричниот SUV добива дигитален стаклен преден панел, а управувачот ја добива и функцијата на визуелен дисплеј. Интерактивните светлосни зони имаат задача да испраќаај информации до патниците со помош на осетливите осветлувачки ефекти.
Поголемиот дел од моќноста кај концептниот Volkswagen ID. Roomzz е обезбедена од 150 киловатната електрична единица поставена во задниот дел на автомобилот, која е комбинирана со помал електричен мотор од 75 киловати.
Ваквата комбинација на електричниот модел му овозможува забрзување до 100 километри на час за 6,6 секудни и максимална брзина ограничена на 180 килметри на час. Напојувањето е изведено со батерија која доаѓа со капацитет од 82 kWh и опција за безжично полнење, благодарение на која концептот со едно полнење може да измине 450 километри.
Концептниот Volkswagen ID. Roomzz претставува првиот член од ID-семејството на електрични автомобили, каде што светлосниот потпис на задниот дел може да се прилагоди преку апликација на паметните телефони.
Лидерот на одделот за е-мобилност на Volkswagen, Томас Улбрих, изјави дека компанијата ќе почне со производство на 33 целосно електрични автомобили до средината на 2023 година, користејќи ја MEB платформата за изградба на електрични модели за брендовите на Skoda, Seat, Audi и VW.
„Ние планираме да произведеме повеќе од 22 милиони електрични автомобили во следните 10 години“, изјави Херберт Диес, извршен директор на Volkswagen. Тој исто така додаде дека околу половина од инженерите на брендот работат на производи наменети за кинескиот пазар.
Производителот ги потврди плановите за лансирање на производна електрична верзија на конпцептниот ID. Roomzz. Базиран на електричната MEB платформа на Volkswagen, тој ќе биде опремен со седум седишта, а ќе се натпреварува во класата на големите елекрични SUV, како Tesla Model X. Како водечки електричен автомобил се очекува да се појави на пазарот првично во Кина во 2021 година, а потоа и во САД и Европа.