Nissan ветува самовозечка опција во Јапонија уште оваа есен
Nissan со втората генерација на системот ProPilot нуди вистинско возење без раце уште од оваа есен на домашниот пазар во Јапонија
Nissan долго време ја нагласува потребата за задржувањена рацете на воланот кога се користи нејзината полу-автономна технологија за возење ProPilot Assist во САД. Но, сега нуди вистинско возење без раце уште од оваа есен на домашниот пазар во Јапонија. Тоа е со доаѓањето на втората генерација на системот ProPilot, со што Nissan Motor Co. го исполнува ветувањето за лансирање систем за автономно возење со автоматска навигација за автопати до крајот на деценијата.
ProPilot 2.0 надградбата прави неколку напредоци во однос на сегашниот систем, кој е продаден во 350.000 возила ширум светот, откако се појави на пазарот во 2016 година. Главен меѓу напредоците ќе биде остварувањето на автономно возење на автопат, односно од точката на вклучување до точката на исклучување на автопат. Системот ќе менува коловозни ленти, ќе поминува други автомобили и ќе помага во излегувањето од лента.
Сегашниот систем не дозволува промена на лента или примање наредби од системот за навигација за самиот да вози до одбраната дестинација. Во САД, претпазливиот Nissan го додава зборот “Assist” на името ProPilot за да не предизвика лажно чувство на сигурност во своите ограничени способности.
Новата технологија ќе го задржи Nissan на чело во делот на развојното поле на автономно возење, што е клучен фокус на стратегијата за градење бренд на Nissan, рече Тетсуја Ијаџима, генерален директор на одделот за развој на автономно возење. „Сите функции се на највисоко светско ниво”, рече Ијаџима за време на брифингот во глобалниот штаб на Nissan за да го претстави новиот систем. “Ќе биде многу тешко за другите да го надминат ова и да стигнат до нас. Ги интегриравме најнапредните технологии”.
ProPilot 2.0 интегрира колекција од седум камери, пет радарски сензори и 12 сонарни сензори. Тоа го надополнува пакетот со 3D систем за навигација со висока дефиниција. Меѓутоа, не користи лидар, ласерската сензорска технологија која сега е ек во автономниот свет на возење. Ијаџима рече дека амалгамот на сензорите и мапирањето на Nissan е исто толку добро.
Но, постојат неколку предупредувања.
Системот овозможува возење без рацете на волан само кога возилото останува во една лента. Јапонските прописи бараат рацете на возачот да бидат на воланот кога автомобилот менува коловозна лента. ProPilot 2.0 самостојно ги менува лентите, но законот бара човечко ракување, за секој случај.
Системот работи само на автопати кои се мапирани во 3D со висока дефиниција. Се работи за напредно дигитално мапирање кое му овозможува на новиот систем да го позиционира автомобилот на патот со ултрапрецизна маргина на грешка од центиметри.
Системот 2.0 засега ќе биде достапен само во Јапонија. Ијаџима рече дека времето на глобалното ширење е предмет на дискусија. Во Јапонија, ќе дебитира во Nissan Skyline, седан кој се продава во САД како Infiniti Q50.
Возачите сè уште не можат да се релаксираат премногу. Системот користи систем за следење на возачот за да се осигури дека тој внимава и е подготвен да продолжи со управување во итен случај. Значи нема дремење или читање.
Повеќе во иднина
Клучна функција на надградбата е способноста за поставување дестинација во системот за навигација и самостојно возење, барем на одредени рути на автопатот каде што технологијата работи. Nissan тоа го нарекува светско прваче кога е комбинирано со возење без раце.
Доставувачот на сензори Mobileye ги обезбедува камерите за новиот систем, а јапонскиот гигант за производство на мапи Zenrin Co. ги обезбедува 3D мапите со висока дефиниција.
Притисокот за автономноа возење на Nissan е прогресивно наследство од Карлос Госн, поранешен претседател кој беше уапсен на 19-ти ноември минатата година, а сега се соочува со четири обвиненија во Јапонија за наводите за финансиски злоупотреби за време на неговото водство во Nissan.
Во 2013 година, извршниот директор Госн ја изненади индустријата со објавување планови за повеќе автономни возила на пазарот до 2020 година. Nissan подоцна го усогласил тој план, велејќи дека системот за возење на автопат со повеќе ленти ќе дебитира околу 2018 година, со можност за урбан систем способен за навигација на раскрсници кој би пристигнал околу 2020 година.
Автономното возење е сега клучен столб на она што Nissan го нарекува стратегија за развој на производи за интелигентна мобилност, која се фокусира на електрификација, автономија и поврзаност.
Извршниот директор на Nissan Хирото Саикава минатиот месец рече дека сака годишна продажба на возила опремени со полу-автономни системи за возење ProPilot да достигнат 1 милион единици во наредните четири години.