Зголемени безбедносни мерки во пресрет на престојниот IAA
Со откажување на голем број изложувачи и вандализирање на луксузни автомобили, IAA се соочува и со проблем со протести од еко-активисти
Саемот за автомобили во Франкфурт – IAA се соочува со низа проблеми пред одржувањето на своето 68-то издание. Поради преголемата цена за изнајмување на просторот и застарениот изложен концепт, голем дел од светски автомобилски производители го откажаа своето присуство. Меѓу оние кои нема да ги видиме следната недела се и Rolls-Royce, Aston Martin, Nissan, Renault Alpine, Dacia, Mitsubishi, Chevrolet и Cadillac.
Покрај ова, минатата недела беа оштетени речиси 40 луксузни автомобили од марката на Jaguar, Land Rover и Aston Martin, во салон во Кронберг, во околината на Франкфурт. Германската полиција работи на расчистување на случајот и испитува група осомничени кои себе се нарекуваат „Rocks in the Gearbox“.
На листата на проблеми се придружија и еко-активистите кои најавија анти-авто протести, поради кои организаторот е принуден да ги заостри безбедносните мерки и проверки. Со цел да ја намали негативната перцепција за авто-индустријата, германската асоцијација на автомобилската индустрија – VDA, ги покани активистите за заштита на околината на дијалог во Берлин, каде заедно со директорите од Daimler и BMW ќе разговараат за климатската криза и подвижноста на иднината.
„Ние сме во близок контакт со властите, како и секој пат, за време на IAA. Влезните контроли ќе бидат засилени, бидејќи може да има спонтани немири на саемот “, изјави претставни на VDA.
Еколошки групи, вклучувајќи ги и горе-споменатите „Rocks in the Gearbox“, ја повикаат јавноста да се приклучат на протестите во Франкфурт на 14 септември, поради што VDA ги предупредува посетителите на Саемот да очекуваат подолги редици на контролните пунктови.