Само во ограничени количини – Bugatti Chiron Noire од 3 милиони евра
Bugatti на купувачите ќе им понуди специјална ограничена серија на Chiron инспирирана од моделот La Voiture Noire кој беше претставен претходно оваа година
Заживувањето на „La Voiture Noire“, кој е своевидно модерно толкување на специјалниот Type 57 SC Atlantic кој беше произведуван меѓу 1936 и 1938, предизвика огромен интерес, поради што Bugatti реши да им понуди на своите клиенти две специјални изданија на Chiron базирани на истата тема.
Така, оние кои сакаат во свој посед да имаат уште поексклузивен хиперспортски автомобил од „обичниот“ Chiron, ќе мораат да побрзаат бидејќи Bugatti планира да направи само по 20 примероци од секоја од двете Noire варијанти.
Покрај тоа, ќе мораат и подлабоко да брцнат в џебот со оглед на тоа дека Chiron Noire Sportive и Chiron Noire Élégance ќе чинат по 3 милиони евра, и тоа во основниот пакет на опрема без дополнителните опции кои Bugatti ги нуди во изобилие.
Двата модели се со црна надворешност, од карбон влакна, а основната разлика е што Noire Élégance има завршна обработка во висок сјај, додека кај Noire Sportive каросеријата е во мат финиш.
„Црниот автомобил“
Овие специјални верзии на Chiron ги краси и нешто поинаква маска на ладилникот со амблемот на Bugatti изработен од чисто сребро, како и нови тркала со црни „шепи“ за сопирање. Што се однесува до издувниот систем, тој е идентичен како на верзијата Chiron Sport.
Во внатрешноста на возилото доминира црна кожа, како и други црни детали, а дека станува збор за посебни верзии потсетуваат и ознаките „Noire“ на праговите од автомобилот, потпирачите за глава и централната конзола. Во внатрешноста на Noire Élégance, среќните купувачи ќе се сретнат со адекватен црн финиш со алуминиумски и мат детали, како и дополнителен амблем изработен од карбон влакна, вметнат на средишниот потпирач за рака.
Исто така, не постои голем избор за перформансите меѓу редовниот Chiron или полесната верзија Chiron Sport, со оглед на тоа дека повеќето модели на Chiron доаѓаат со 8.0-литарскиот W16 мотор на Bugatti со 1.500 КС.
Првите испораки на двете специјални Noire верзии се планирани за вториот квартал на 2020. година.