Nissan ја покажа ограничената јубилејна изведба на GT-R50
По минатогодишното претставување на концептниот прототип Nissan ги објави фотографиите од ограничената сериска верзија на јубилејниот модел GT-R50
Зад дизајнот na Nissan GT-R50 стои студиото Italdesign.Со овој автомобил во јапонската компанија одбележуваат 50 години од настанувањето на првиот модел Skylinе со ознаката GT-R. Добро упатените извори тврдат дека оваа верзија истовремено претставува и увертира за новата генерација GT-R.
По речиси една година од претставувањето на концептот, јубилејниот Nissan GT-R50 јавноста премиерно ќе може да го види во март на саемот на автомобили во Женева. Купето е засновано на моделот GT-R Nismo и се напојува од 3,8-литарски V6 мотор кој со два турбо полначи развива 710 КС и има 780 Nm максимален вртежен момент кој на двете осовини се дистрибуира со посредство на 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.
За запирањето се грижат Brembo кочници, a погонот е на сите четири тркала. Nissan GT-R50 доаѓа со 21-инчни алуминиумски тркала и Michelin Pilot Super Sport гуми со димензии 255/35 R21 напред, односно 285/30 R21 позади. Забрзувањето и максималната брзина се уште не се објавени.
GT-R50 Italdesign ќе биде во ограничени количини, па така ќе го добијат само 50 среќници кои се во можност за ова јубилејно издание на Nisaan да издвојат 1,2 милиони долари. Освен тоа, Nissan ќе им понуди и можност за персонализација на автомобилот. Испораките започнуваат кон средината на следната година.