Ferrari го продолжи договорот со Леклер до 2024
Младиот возач на Ferrari и еден од најталентираните F1 пилоти, 22-годишниот Шарл Леклер, го продолжи договорот со гигантот од Маранело до 2024. година
Во последнава сезона од Formula 1, која неодамна заврши во Абу Даби, Леклер го зазеде четвртото место со 24 бода предност во однос на клупскиот колега од Ferrari, Себастијан Фетел. Тој оствари две победи, една повеќе од Германецот.
Младиот возач од Монако ја имаше својата сезона од соништата и ги надмина сите очекувања. Во 2019. година покрај двете победи, забележа и четири најбрзи круга и дури седум пол-позиции. Тој собра 264 бода, што беше доволно за четвртата позиција во шампионатот во кој повторно доминираа Mercedes и Луис Хамилтон.
„Многу сум среќен што останувам во Scuderia Ferrari. Минатата сезона во која возев за најславниот тим во Formula 1 беше остварување на соништата за мене. Едвај чекам да започнеме уште подлабока соработка и да почне новата сезона“, изјави Леклер.
На спротивната страна, шефот на екипата, Матија Биното, изрази задоволство што Леклер и следната сезона ќе вози за италијанскиот тим.
„Со секоја трка нашата желба за продолжување на договорот со Леклер стануваше се поголема. Шарл и Scuderia имаат јасна, заеднична иднина. Тој е дел од нашето семејство од 2016. година и неверојатно сме горди на резултатите кои ги дава нашата академија. Сигурен сум дека со Леклер во иднина ќе испишеме уште многу прекрасни страници во историјата на нашата екипа“, изјави Биното.
Леклер претендира за местото прв возач во Ferrari
Леклер е дел од Ferrari од 2016. година кога пристигна во тамошната возачка академија. Таму брзо ги покажа своите квалитети. Formula 1 кариерата ја започна во Sauber за кого возеше минатата година и го привлече вниманието со храбрите настапи, што му беше препорака за првиот тим на Ferrari.
Изминатава сезона покажа и докажа дека заслужува да биде прв возач во италијанскиот тим, со оглед на изданијата на Себастијан Фетел кој повторно ги разочара фановите на Ferrari. Германецот нема да го продолжи договорот со италијанскиот тим и по завршувањето на истиот ќе си замине, а на негово место се очекува Луис Хамилтон, но зависно од тоа како ќе се развива Леклер. Доколку возачот од Монако блесне, нема да му треба конкуренција за прв возач во тимот, но ако не успее да се докаже, Британецот ќе „слета“ во Маранело.
Кога станува збор за следната сезона, со овој договор нема сомнежи околу тоа кој ќе биде прв возач на Ferrari.