Од Ferrari признаа дека преговарале со Хамилтон

Директорот на Ferrari Луј Кери Камиљери потврди дека италијанскиот тим имал разговори со Луис Хамилтон за можноста да пристигне во нивните редови во иднина

Извршниот директор на Ferrari ги потврди шпекулациите дека светскиот шампион зборувал за оваа тема со првиот човек на компанијата Џон Елкан. Исто така истакна дека во Ferrari се почестени што особено Хамилтон, но и некои други возачи, сакаат да се најдат во болидот на славниот италијански тим.

„Премногу е рано, ги разгледуваме опциите во вистинско време и ќе видиме што ни одговара најмногу“, истакна Камиљери.

Еден од челниците на Ferrari истакна дека шесткратниот F1 шампион и Елкан се сретнале на еден социјален настан, но дека се претерува со целата ситуација, бидејќи двајцата имаат заеднички пријатели.

Британецот има договор вреден 40 милиони евра годишно со Mercedes кој истекува на крајот на следната сезона. 34-годишниот Британец ќе ја брка рекордната седма титула со која би се израмнил со легендарниот Михаел Шумахер, по што би можел да го промени својот тим. Од друга страна, договорите со Ferrari им истекуваат и на Себастијан Фетел и на Шарл Леклер. Германецот не крие дека е незадоволен од третманот кој го добива од Ferrari како и се почестите шпекулации дека Хамилтон ќе го заземе неговото место во тимот, па веќе почна да преговара со други тимови.

Судбината на Хамилтон зависи од Тото Волф

На последната трка во годинешниот шампионат, Големата награда на Абу Даби, британскиот автомобилист истакна дека ќе биде паметно и мудро добро да размисли за следниот свој потег во кариерата. Во таа прилика не сакаше да коментира дали имал разговори со Елкан, но истакна дека чека да види дали Тото Волф ќе остане во германскиот тим пред да донесе одлука за својата иднина.

Волф во последно време се споменува како потенцијален наследник на Чејс Кери на местото извршен директор на Formula 1 од 2021. година. Меѓутоа, Камиљери истакна дека Ferrari би можел да го искористи своето право на вето и да го оневозможи Волф да ја води Formula 1.

„Доколку некој кој имал активна и важна улога во одреден тим во последните години ја преземе водечката позиција во Formula 1, тоа би довело до конфликт на интереси. Не би било добро Волф да ја води Formula 1. Нашиот став е дека ако шефот на Ferrari Матија Биното беше кандидат да го замени Чејс, останатите тимови не би биле задоволни со тоа. Нашето вето е последна опција, но доколку биде потребно, ќе го објасниме нашето мислење“, истакна Камиљери.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close