fbpx

Genesis наскоро ќе го претстави својот прв голем SUV, GV80

Корејскиот производител на премиум автомобили објави фотографии и технички детали за својот прв SUV

GV80 дебитираше како концептен автомобил пред речиси три години на авто-салонот во Њујорк. Концептот во 2017. година настана во соработка на дизајнерските студија од Јужна Кореа, САД и Германија, а продукциската верзија помалку или повеќе ги задржа стилските карактеристики на тоа возило.

На првите фотографии од сериската верзија на GV80 кои ги претстави производителот се гледа доминантната маска на ладилникот на предниот дел од возилото и тенките LED фарови. LED технологијата е присутна и на задните светлосни групи, додека внатрешноста ја карактеризираат минималистички детали и луксузни материјали од кожа, алуминиум и дрво.

Широката централна конзола јасно ги раздвојува позициите на возачот и совозачот, врвот на командната табла е резервиран за широк екран со инфозабавен систем. Вентилациските отвори се дискретно вклопени во предната конзола на автомобилот, а командите на клима-уредот претставуваат комбинација на физички точки и копчиња чувствителни на допир.

Genesis GV80 е поставен на механичка платформа со заден погон, додека погонот на сите четири тркала е достапен како опција. Производителот засега не објави детали за моторите, но „протекоа“ детали од погонските единици за домашниот пазар.

Genesis се уште без детали за моторите

На почетокот од продажбата во Кореа, GV80 ќе биде напојуван од 3,0-литарски V6 турбо-дизел со 278 КС и 590 Nm, со 8-степен автоматик. Оваа верзија ќе забрзува од 0 до 100 за 6,8 секунди.

Нешто подоцна се очекува 4-цилиндричен 2,5-литарски турбо-бензинец со 304 КС и 422 Nm. Автомобилот до „стотка“ ќе стигнува за 6,9 секунди. Во врвот на понудата ќе се најде 3,5-литарски V6 турбо-бензинец со 380 КС и 520 Nm, а оваа верзија на GV80 од 0 до 100 ќе забрзува за 5,7 секунди.

Во план е првиот SUV на Genesis да се најде во продажните салони во текот на овој месец, и тоа најпрво во Јужна Кореа, додека на останатите светски пазари во продажба ќе се најде нешто подоцна во текот на 2020. година.

Поврзани вести

Back to top button