Тест Ford Focus Active: Во трендовски стил
Со изведба на хечбек автомобил кој максимално кокетира преку надворешниот изглед се цели директно кон купувачите кои не сакаат да направат целосен пресврт и веднаш да седнат зад управувачот на класичен SUV модел
Подемот и растот на SUV пазарот не покажуваат знаци на забавување. Но, не секој е убеден во идејата за оваа класа на автомобили. Сепак, тешко да се остане имун на идејата за автомобил што ве сместува повисоко одколку останатите во сообраќајот околу вас. Но, некој од производителите сметаат дека сепак има простор за нешто помеѓу. Mеѓу нив е и Ford со својот Focus Active.
Познати контури со нова филозофија
Новата генерација на Focus со себе носи нова филозофија на дизајнот, комбинирајќи го емоционалниот надворешен стил со водечка аеродинамика во класата. Новата силуета поседува истакната линијата на кровот, како и изразени контури. Со ова, на возилото му е подарен елегантен, но спортски карактер. Како резултат е добиен облик кој силно асоцира на сè по што е препознаватлив бестселерот. Базиран врз основата на стандардниот Ford Focus, изведбата Active поседува визуелна диференцијација која го издвојува од стандардните модели. Најпрво, тој е поставен повисоко на патот за 30 мм напред и 34 мм на задниот дел, има поцврсти надворешни елементи што се тесно поврзани со SUV возилата. Tука е и штитникот во долниот дел на предниот одбојник кој патем е со благо изменет изглед. Тука се редизајнираниот браник во задниот дел како и обложување околу лаковите на тркалата и праговите. Сето ова фино подесување му дава на Focus Active поавантуристички, груб, но софистициран изглед, наменет за трендовски животен стил.
Пространа внатрешност
Пристапот за дизајнирањето на ентериерот е во силна кохезија со надворешноста на автомобилот. Во внатрешноста се користени чисти и јасни линии кои прават лицата што се во кабината да почуствуваат дека се опкружени со висококвалитетните материјали и современ дизајн. Сите користени материјали за изработка се одлично интегрирани и комбинирани. Со тоа е овозможен визуелно простран ефект со чувство за одлична софистицираност.
Патниците на предните седишта можат да уживаат во просторот, но тоа не оди на штета на патниците на задните седишта. За нив исто така е резервиран поголем комфор кој е добиен со новата платформа и рамниот под. Дека станува збор за автомобил со повеќе простор одколку што сме навикнати во оваа класа не уверува и дизајнот на задните врати кои имаат поголем агол на отварање. Покрај тоа што кабинскиот простор профитирал од новата платформа, инжињерите не го заборавиле и делот за транспорт на багаж кој треба да одговори на потребите на едно модерно 4 члено семејство. Зафатнината на багажникот изнесува 375 литри што во целост се зема како просек во класата. Модерното живеење значи и целосна поврзаност на паметните телефони и автомобилот. Поради ова Bluetooth конекцијата доаѓа како стандарден дел за спојување со системот за комуникација и забава од последната генерација наречен SYNC 3. Управувањето се одвива преку 8-инчен колор екран осетлив на допир, кој е компатибилен со оперативните системи на Apple Car Play и Android Auto.
Потентен и ефикасен
Во тестираниот Focus Active под предниот поклопец работеше бензинскиот агрегат од обновената понуда што обезбедува оптимизирана моќност и одговара на најновите строги барања на стандардот за емисија Euro 6d. Станува збор за 1,5-литарскиот трицилиндерски турбо EcoBoost мотор на Ford. Истиот доаѓа во издание што располага со капацитет од 150 КС и се смета за еден од најдобрите агрегати на денешницата. Скептиците кои ќе ја оспорат моторната конфигурација со троцилиндарски мотор најпрво треба да го испробаат моделот со горенаведената моторизација за да се уверат дека модерната конструкција е нешто сосема спротивно од она што било познато за ваквата конфигурација во минатото. Агрегатот работи без вибрации и сосема смирено, одзивот на педалот за забрзување е моментален и делува доста убедливо во секој момент.
Податоците за економичност кои ни доаѓаат од производителот велат дека во просек за секои 100 изминати километри се потребни 5,5 литри гориво. Ние не успеавме да го постигнеме декларираниот резултат(не се ни потрудивме), но и 1,5 литри повеќе е постигнување кое вреди да се забележи. Што се однесува до перформансите, оваа потентна изведба докажува дека агрегатот достигнува посакувани вредности без никаков проблем. Забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч трае точно 9,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 205 км/ч. Во константна спрега со моторната единица работи и мануелната менувачка кутија со 6 брзини. Истата се одликува со одлично пресметан сооднос на пренос, работи исклучително прецизно, а менувањето на степените се одвива максимално „мазно“.
Одлична управливост
Ford Focus одсекогаш се сметал за најуправлив автомобил во класата што во новата Active изведба воопшто не e променето. Покрај режимите Eco, Normal и Sport, активната варијанта додава Slippery и Trail модови на возење. Имајте на ум, ова е се уште автомобил само со погон на предните тркала. Затоа не очекувајте од последните две поставки дека ќе ви овозможат врвни теренски способности. Тие се тука пред сè за зголемување на безбедноста во управувањето.
Вака спакуван Ford Focus Active доаѓа по цена од 23.528 евра. За возврат се добива автомобил со одлични возни карактеристики, подржани од исклучителен агрегат и менувач. Секако, и дизајн кој особено го истакнува неговиот софистициран стил.
Ford Focus Active 1.5 Ecoboost 150
мотор | 1,5-литарски EcoBoost, Euro 6d-Temp, бензин, трицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно |
работна зафатнина | 1498 cm3 |
пречник и од | 84,0 x 90,0 mm |
степен на компресија | 11,0:1 |
напојување | 4 вентили по цилиндар, турбо-полнач, директно вбризгување на гориво, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 150 КС при 6.000 вртежи во минута/-1 |
макс. вртежен момент | 240 Nm при 1.600 вртежи во минута |
трансмисија | На предни тркала преку 6-степен мануелен менувач |
потпирање | Напред независен Макферсонов систем, анти-рол бар, спирални пружини, позади Мултилинк, анти-рол бар и спирални пружини |
сопирачки | Напред вентилирачки дискови, позади дискови, ABS |
пневматици | 215/55 R17 |
каросерија | кросовер со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4397mm x 1979mm x 1483mm |
меѓуоскино растојание | 2700mm |
траги (напред/назад) | 1572/1553 mm |
тежина | 1404 kg |
максимална тежина | 1905 kg |
багажен капацитет | 375-1354 l |
резервоар | 52 l |
максимална брзина | 205 километри на час |
забрзување 0-100 km/h | 9,3 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,7/6,9/5,5 l |
емисија на CO2 | 121-125 g/km |
Ford Focus Active во Македонија:
Ford Focus Active 1.0 EcoBoost 125 M6 | 23.700 евра |
Ford Focus Active 1.0 EcoBoost 125 A8 | 26.400 евра |
Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 A8 | 27.700 евра |
Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 182 A8 | 28.600 евра |
Ford Focus Active 1.5 EcoBlue 120 M6 | 26.600 евра |
Ford Focus Active 1.5 EcoBlue 120 A8 | 29.400 евра |
Ford Focus Active 2.0 EcoBlue 150 M6 | 31.200 евра |
Ford Focus Active 2.0 EcoBlue 150 A8 | 33.200 евра |
Конкуренти:
Kia Xceed | од 20.500 до 28.900 евра |
Повеќе информации во Мида Гранд Моторс или на тел. (02) 3073 103.