PSA и Dongfeng Motors почнуваат со производство во Вухан
Групациите PSA и Dongfang Motor најавија дека повторно ќе започнат со производство во градот Вухан каде што започна пандемијата на коронавирусот
Во рамките на заедничкиот потфат на PSA групацијата и Dongfeng Motor групацијата, повторно е започнато производството во Вухан, епицентарот на пандемијата со коронавирусот. Неколку месеци по „експлозијата“ на новиот коронавирус во градот Вухан во Кина, автомобилските производители полека се враќаат на своите секојдневни обврски.
Француската компанија PSA има две фабрики во Кина во копродукција со Dongfeng каде што се произведуваат моделите на Peugeot и Citroen за Кина и останатите азиски пазари, и тоа токму во Вухан и Ченгду. Во рамките на заедничкиот потфат се произведуваат и мотори и менувачи во фабриката во Шјангјанг, од кои дел се извезува во Европа. PSA исто така има и центри за истражување и развој во Вухан и Шангај.
Вториот заеднички проект со кинеска компанија, поточно со Changan Automobile, со кој ги произведува DS моделите, ќе биде расформиран. Тој вклучува погон за склопување на автомобили, фабрика за делови и центар за развој и истражување во Шенжен во југоисточниот дел на Кина.