fbpx

Тест Peugeot 2008: Цврста основа за високи достигнувања

Кога на пазарот ќе се појави автомобил со надворешен облик и кабински дизајн како на Peugeot 2008, конкуренцијата со сигурност нема да може да спие мирно, за немирот да биде поголем тука е и одличната моторна понуда со чија помош овој модел без најмала задршка цврсто чекори кон врвот во најбрзо растечкиот сегмент

Златно Тркало финалист 2021
Нова верзија на препознатливиот дизајн

Модата може да има многу форми, особено кога станува збор за дизајнот во светот на автомобилите. Ако погледнеме подобро, компактниот SUV и кросовер сегмент е зоната каде што се одвиваат најголемите активност во индустријата. Инспирирани од успехот кој го постигнаа со првата генерација креаторите од Peugeot својот потенцијал го прикажаа при создавањето на новата генерација на моделот 2008. Иако визуелно доста наликува на моделот 3008, од кого е само 150 мм пократок, компактниот 2008 е поставен на платформата за мали автомобили на PSA групацијата. Сепак директорот за стилизирање на надворешноста во Peugeot, Јан Беурел, на моделот 2008 му даде уникатен лик и јак сопствен карактер, особено на предната страна каде што целото осветлување се карактеризира со канџи и дневни светла кои длабоко навлегуваат во предниот браник.

Профилот открива остри триаголни потези кои се протегаат на каросеријата над тркалата и се спојуваат на средината каде формираат единечна линија која ги поврзува предните и задни врати на автомобилот. На задниот дел, црно обоениот дел од браникот се придружува на светлосните кластери за да ја истакне ширината на автомобилот. Вреди да се напомене дека во подножјето на автомобилот се сместени и два отвори на издувниот систем, сосем фунционални и со забавен звук, за разлика од повеќето конкурентски модели каде се само маски. Новиот Peugeot 2008 е еден автомобил кој сè уште го потенцира чувството на сензибилитет во сè поконкурентната класа каде што секој играч сака да ги наметне сопствените правила.

Дарежливи пропорции полни со нова технологија

Во внатрешноста кај моделот 2008 сè наликува на она што сме го сретнале во поновите модели од гамата, но сепак е подигнато на едно ниво погоре, а користените материјали и завршната обработка го сместуваат 2008 во врвот од класата. Пред возачот, главната улога ја игра новиот i-Cockpit во 3D изведба на кој сите најважни информаци се прикажани во прв план како холограм, неговата персонализација дозволува повеќе опции на приказ со што е загарантирано дека во секое време ќе ги имате најважните податоци на увид.

Инфозабавниот систем е вториот екран кој доминира со внатрешното опкружување, како што е општо прифатена пракса истиот се поврзува со системите на мобилните телефони од типот на Android Auto и Apple Car Play. Бројот на хардверски копчиња и прекинувачи во кабината е сведен на минимум, командувањето со сите примарни елементи е изведено преку клавриските типки кои се користат како кратенки за брз пристап до избраната функција. Системот делува интуитивно и не е комплексен за употреба при управување со возилото, единствено што би посакале се одвоени команди за климатизација. Зголемените габарити од 14 сантиметри во должина најдобро се одсликува во кабинскиот простор, од новата конфигурација најголемиот бенефит го добиваат патниците на задната клупа кои добиваат далеку повеќе простор во сите правци, а тука е и делот предвиден за багаж кој сега има волумен од дарежливи 434 литри веќе во основната положба.

Peugeot-2008-ap test

Економичен со забавен карактер

Понудата кај моделот 2008 со бензински погон се базира на еден од најдобрите трицилиндерски единици во моментов, кој од зафатнина еднаква на 1.2 литри помогнат со турбо полнач овозможува три верзии на моќност: 100, 130 и единствено во GT изведба со 155 КС. Сите двигатели од понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6 d-Temp нормативите. Во оваа прилика ни беше одстапена верзијата со 130 КС што својот максимум го нуди при 5.500 врт/мин, додека пак целосниот вртежен момент е на располагање веќе од 1.750 врт/мин, во спрега со исклучително добро пресметан 6 брзински мануелен менувач. Овој франциски пар во зависност од потребите на возачот нуди избор за начини на возење: Eco и Normal, но запомнете, во ниту една комбинација 2008 не нуди погон на сите тркала, едноставно таа опција е целосно исклучена како и кај повеќето конкурентски модели.

Карактерот што ја поседува оваа верзија на агрегатот се наметнува како идеална опција за оние кои освен економичност сакаат повремено да се препуштат на забавниот дел од управувањето. Малиот агрегат повлекуваа моќно и без размислување во секоја прилика, работи доста култивирано без разлика дали сте на ниски или пак го носите во високи вртежи, речиси комплетно се анулирани вибрациите кои инаку се одлика на трицилиндерските мотори. Потрошувачката која ја постигнавме за време на нашето дружење се движеше во просек од 8 литри на секои 100 изминати километри, а доколку бевме малку по упорни, сигурно дека таа ќе изнесуваше барем за 1 литар помалку. Перформансите кои ги постигнуваа вака понудениот 2008 се повеќе од доволни за секој што ќе се одлучи за оваков тип на автомобил. Забрзувањето до 100 км/ч трае 8,9 секунди, а максималната брзина достигнува речиси 200 км/ч.

Peugeot-2008-ap test

 

Возните карактеристики и потпирањето се далеку над очекувањата, малиот кросовер се управува повеќе како автомобил отколку како SUV. Со оваа моќност на мотор и сетирање на суспензија моделот 2008 делува доста рафинирано во возењето, на моменти дури и позабавно од очекуваното. Снадлив во секоја ситуација, одговара агилно на предизвиците полни со свијоци, а на долгите делници се шепури со комфорот кој ненаметливо го дели со сите сопатниците во кабинскиот простор.

Peugeot 2008 е модел на кој може да му се најдат ситни забелешки, но во суштина е возило кое во 90% ги исполнува очекувањата што од него ги има секој што посакува да се движи со современ стил во максимално модерно пакување.

Цена  на тестираниот модел: 22.870 евра

Технички податоци за: Peugeot 2008 Allure 1.2 Pure Tech 130 HP
Мотор Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
Пречник и од 75 x 90.5 мм
Степен на компресија 10.5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Максимална моќ 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1
Макс. вртежен момент 230 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија предни тркала преку 6-степен мануелен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки самовентилирачки дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/60 R17
Каросерија кросовер со пет врати, пет седишта
Должина х ширина х висина 4.300 x 1.770 x 1.530 мм
Меѓуоскино растојание 2.605 мм
Траги (напред/назад) 1.540/1.540 мм
Тежина 1.192 кг
Максимална тежина 1.715 кг
Багажник 434 литри
Резервоар 44 литри
Максимална брзина 198 км/ч
Забрзување 0-100 km/h 8,9 секунди
Потрошувачка (отворен пат/град/просек) ,5/6,7/5,0 л/100 км
Емисија на CO2 102 г/км
Работна зафатнина 1.199 см3
Peugeot 2008 во Македонија:
Peugeot 2008 Active 1.2 Pure Tech 100 HP 18.150 евра
Peugeot 2008 Active 1.5 Blue HDI 100 HP 20.360 евра
Peugeot 2008 Allure 1.2 Pure Tech 130 EAT8 23.700 евра
Peugeot 2008 Allure 1.5 Blue HDI 100 HP EAT8 25.940 евра
Peugeot 2008 GT-Line 1.2 Pure Tech 130 HP EAT8 26.370 евра
Peugeot 2008 GT 1.2 Pure Tech 155 HP EAT8 30.660 евра
Peugeot 2008 Active Electric 50 kWh 136 HP 35.360 евра
Peugeot 2008 GT-Line Electric 50 kWh 136 HP 38.930 евра
Peugeot 2008 GT Electric 50 kWh 136 HP 41.160 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс или на тел. (02) 31 11 000

Конкуренти:
Citroen C3 Aircross од 13.990 до 22.190 евра
Renault Captur од 15.990 до 25.340 евра
Nissan Juke од 18.900 до 26.090 евра
Seat Arona од 16.035 до 22.922 евра
Volkswagen T-Cross од 18.406 до 28.575 евра
Škoda Kamiq од 15.180 до 23.360 евра

Поврзани вести

Back to top button