Formula 1 го скрои планот за почеток на сезоната
Како и сите останати спортови, така и автомото спортот е во статус на мирување поради пандемијата, но веќе се кројат планови за почеток на сезоната во Formula 1
Новата сезона од Formula 1 е сериозно погодена од пандемијата на коронавирусот, поради што десет трки веќе се откажани или одложени. Сезоната не ни започна поради стравот од ширењето на Covid-19, иако малку недостасуваше возачите да се појават на патеката во Австралија.
Првичниот план беше сезоната во F1 да започне со Големата награда на Франција, но истата е откажана и, како што велат организаторите, нивниот фокус е насочен кон 2021 година. Во меѓувреме, челниците на Formula 1 се обидуваат да направат план за почеток на сезоната во најбрзиот циркус на планетата и тоа во Австрија во првата недела од јули. Надлежните органи во оваа земја истакнуваат дека се подготвени да ја одржат трката зад затворени врати. Мерките во Австрија постепено се ублажуваат, но социјалната дистанца и понатаму е задолжителна.
„Австрија е идеално место за почеток на сезоната, но и можноста таму да се одржат две трки во една недела. Патеката се наоѓа далеку од поголемите градови, а сепак аеродромот е блиску. Лесно може да се контролира кој ќе се движи во кругот на патеката и околината, а секој од натпреварувачите, како и персоналот ќе бидат тестирани“, изјави техничкиот директор на Formula 1, Рос Брон и додаде:
„Со цел да не го повторуваме тој процес на некоја друга локација, предлогот е во избрани држави со квалитетна инфраструктура да се одржат повеќе трки“.
Formula 1 на лето во Европа, на есен во Азија и Северна и Јужна Америка
Слично како и Рос Брон, така и генералниот директор на Formula 1, Чејс Кери, убеден е дека сезоната ќе започне во јули, истакнувајќи дека вкупно би требало да се одржат од 15 до 18 трки. Според некои планови, Formula 1 во текот на летото би се возела во Европа, а на есен во Азија и Северна и Јужна Америка.
„Трките во Европа би можеле да се одржат во текот на јули и август и почетокот на септември. Првата трка би можела да биде во Австрија од 3 до 5 јули. Во септември, октомври и ноември би се возело во Азија и Северна и Јужна Америка, додека сезоната би можела да заврши во декември, со трките во Бахреин и Абу Даби. Тоа значи дека би имале од 15 до 18 трки“, изјави Кери.
Големата награда на Австрија на Red Bull Ring би требало да се одржи на 5 јули.