Ferrari поради пандемијата ја одложува премиерата на новите модели
Италијанскиот производител на автомобили Ferrari најави дека ќе претстави два нови модели, но реши да ја одложи премиерата за неколку месеци
Од Ferrari пред извесно време најавија дека ќе претстават два нови модели оваа година, но сепак на крајот се приморани премиерите да ги одложат за три или четири месеци. Според првичните информации, тоа значи дека овие два новитети сепак ќе бидат претставени пред јавноста оваа година, како што беше и планирано, само нешто подоцна од иницијалните планови.
Луис Камиљери, шефот на Ferrari, во кратката изјава истакна дека компанијата мора да се адаптира на новонастанатите услови на пазарот предизвикани од пандемијата на новиот коронавирус на глобално ниво.
Покрај тоа, Камиљери се осврна и на влијанието кое пандемијата го има врз продажбата на автомобилите ширум светот и ударот кој го нанесе врз автомобилската индустрија. „Нашите проценки се дека оваа година ќе продадеме 15 проценти помалку возила отколку лани“, вели првиот човек на Ferrari.
Италијанската компанија минатата година претстави неколку нови модели, па од таа перспектива оваа година требаше да биде нешто помалку возбудлива кога станува збор за нови автомобили од Маранело.
Кога станува збор за минатогодишните премиери, Ferrari и тука се соочува со извесни проблеми, бидејќи поради затворањето на фабриките, италијанскиот производител сега доцни со испораките на возилата. „Во овој момент само со моделот F8 Tributo успеваме да бидеме прецизни и точни кога станува збор за достава на возилата. Сите останати автомобили доцнат“, заклучи шефот на Ferrari.