Официјално откажана уште една трка во Formula 1
Организаторите на трката за Големата награда на Холандија потврдија дека патеката во Зандфорт оваа сезона нема да го нагости најбрзиот циркус на планетата
По големиот број шпекулации околу одлуката на организаторите и судбината на оваа трка сезонава, од Formula 1 и Големата награда на Холандија потврдено е дека на патеката Зандворт оваа сезона ќе остане без трка. Иако Холанѓаните беа комплетно подготвени да ја дочекаат оваа, повеќе од специфична година за холандското Гран При, организаторите одлучија да не се излегува на патеката до 2021.
Холанѓаните долго време чекаа за кам-бек во Formula 1 и со оваа трка требаше да се прослават 35 години откако за последен пат се возеше ова Гран при, но поради фактот што трката ќе се вози без присуство на публиката, организаторите одлучија да ја откажат за оваа сезона.
Спортскиот директор на Големата награда на Холандија, Јанс Ламерс, најавуваше дека трката би можела да се вози, со посебни мерки и протоколи, како и без присуство на публиката. Сепак, организаторите на трката со поддршка на челниците на Formula 1 одлучија трката да се откаже, а како една од главните причини е токму фактот што навивачите нема да можат да присуствуваат на забавата.
„Бевме целосно подготвени за оваа трка, се уште сме. Неверојатно е што постигнавме благодарение на навивачите, Владата на Холандија, компаниите кои беа вклучени. Ние и Formula 1 сакавме да го прославиме враќањето на оваа патека со навивачите. Работевме на тоа трката да се одржи во некој друг термин, но пак без гледачи. Се радував 35 години на овој момент, но можам да почекам уште една година. Ќе почекаме малку и се надеваме дека идната година сите заедно ќе го дочекаме празникот на автоспортот во Холандија. Мораме да бидеме трпеливи“, изјави Јанс Лемерс, директорот на патеката која според оригиналниот календар требаше да ги дочека F1 возачите на 3 мај.
Сезоната ќе започне на 5 јуни
Ова е навистина специфична одлука со оглед на тоа дека изминатата година беа направени големи работни зафати на патеката која доби нешто изменета конфигурација и прилагодена е на модерните стандарди на тркање. И покрај големите трошоци, организаторите одлучија да ја прескокнат 2020, а оние кои купиле влезници ќе можат да си ги вратат парите или да ги искористат за следната сезона.
Досега, освен во Холандија, откажани се трките во Австралија и Монте Карло, а одложени се во Бахреин, Виетнам, Кина, Шпанија, Азербејџан и Канада. Меѓутоа, засега само Русија има нов датум, а тоа е 27 септември, додека останатите го чекаат развојот на настаните. Се очекува сезоната конечно да почне на 5 јуни во Австрија и тоа пред празни трибини.