Naran Automotive го најави својот хиперавтомобил
Компанијата Naran Automotive најави нов хиперавтомобил со едноставно име Naran кој ќе се најде во продажба од август оваа година
Хиперавтомобилот наречен Naran на Naran Automotive ќе биде сериски ограничен модел и ќе претставува своевиден ривал на Czinger 21C, Aston Martin Valkyrie и McLaren Speedtail. Naran во моментов е во последната фаза на својот развоен циклус, а компанијата ги извршува последните тестови за максималната брзина и возачките способности на патеките Имола и Нирбургринг. Се очекува продажбата на овој хиперавтомобил да започне кон средината на август, а Naran Automotive ќе произведе само 49 примероци од овој модел.
Naran ќе се напојува со 5,0-литарски twin-turbo V8 мотор кој развива 1.034 КС и 1.036 Nm максимален вртежен момент. Еден од најинтригантните детали кај возилото е тоа што моторот ќе биде поставен во предниот среден дел, позади предната оска, но пред кабината. Силата ќе се пренесува на сите четири тркала, а автомобилот од нула до „стотка“ ќе стигнува за нешто повеќе од 2 секунди. Максималната брзина според најавите ќе достигнува меѓу 370 и 402 километри на час. Засега се уште не е познато каков вид на трансмисија ќе користи овој автомобил.
Дизајнот ги следи традиционалните правила кои важат за хиперавтомобилите со низок преден дел и голем заден спојлер. Поголемиот дел од автомобилот ќе биде произведен од мешавина на карбон и природен лен, што ќе придонесе тежината да изнесува помалку од 1.500 килограми. Клучните аеродинамички компоненти кои се забележливи во тизер фотографиите вклучуваат големи вентуриевски цевки на предниот дел, како и заден дифузер инспириран од мотос спортот. Како уште еден дел кој се истакнува на автомобилот се предните светла кои се мошне слични како оние на Ferrari SF90 Stradale.