Land Rover слави 50 години Range Rover со специјална едиција
Land Rover го прослави 50-тиот роденден на својот модел Range Rover со воведувањето на специјална нова едиција наречена Range Rover Fifty
Првиот Range Rover е претставен на 17 јуни 1970 година, а Land Rover во рамките на одбележувањето на јубилејниот 50-ти роденден на својот луксузен теренец, за купувачите подготви сериски ограничено издание на актуелната генерација на моделот кое се крие зад називот Rаnge Rover Fifty.
Range Rover настана како производ замислен да биде полуксузна и значително поудобна алтернатива на тогашните Land Rover модели од Серија II и III. Првиот Rаnge Rover наиде на одличен прием во Велика Британија, а набрзо потоа успеа да го освои и светот. Сега, Land Rover подготви 1.970 специјални модели во чест на годината во која е претставен за прв пат луксузниот теренец. Range Rover Fifty е настанат на основата на раскошно опремената верзија Autobiography и ќе се нуди со пократко и подолго меѓуосовинско растојание.
Сината боја на каросеријата е по примерот на бојата со која бил обоен првиот Rаnge Rover. Ова е само еден од многубројните детали кои со себе ги носи изданието Fifty, а тука се и неизбежните ознаки на каросеријата и во кабината која е обложена со кожа, кои сугерираат на посебноста на најголемиот Range Rover модел кој ќе се нуди во уште неколку ексклузивни бои како што се Carpathian Grey, Rosello Red, Aruba и Santorini Black. Range Rover Fifty ќе се нуди и во една од трите Heritage бои, кои произлегуваат од изворните палети на бои. Така, покрај Tuscan Blue, тука е и Bahama Gold и Davos White бојата. Голем број мотори ќе се најдат во понудата, а покрај бензинските и дизел агрегатите, тука ќе биде и хибридната P400e верзија.