Тест Land Rover Discovery Sport: Еволутивна трансформација

Традицијата налага моделите на Land Rover повеќе да се потпираат на еволутивниот развој одколку на комплетна револуција. Од таа причина одговорните лица во компанијата одлучија моделот Discovery Sport да ги следи однапред зацртаните линии на екстериерот, а во внатрешноста да го направи скокот што го дефинира новото време

По шест годишно опстојување на пазарот британскиот Land Rover одлучи моделот Discovery Sport да добие нова генерација која ќе може соодветно да парира на сè поострата конкуренција со која треба пазарно да се натпреварува во сегментот што секојдневно се надополнува со нови преставници од речиси сите автомобилски производители.

Ист, но сосема различен

Можеби делува малку збунувачки, но сепак ова е новиот Discovery Sport. Не, не станува збор за благ „фејслифт“ затоа што повеќе од 70% од неговите делови се нови, речиси и секој панел на каросеријата. Превземени се единствено поклопецот за моторот, покривот и задната врата. Воедно, неговата платформа сега доаѓа во облик на новата C-SUV архитектура на Land Rover, која исто така ја користи новата генерација на Range Rover Evoque. Однадвор, промените делуваат суптилно. Новата решетка на ладилникот е поставена пониско и во случајов е поширока, таа доминира со предниот дел, и во исто време ја турка „визуелната маса“ на возилото надолу со што е добиен поробусен и спортски изглед.

ap-test-LR Disco-Sport

Покрај новите панели кои се употребени на каросерија забележливи се новите светлосни групи на предниот дел со дневни светла кои го носат препознатливиот потпис на брендот, додека задните светла се изведени со нови LED светла кои поседуваат трендовски динамички индикатори. Иако не изгледа многу поинаку, „малиот“ Disco навистина делува многу подобро и поскладно од колку предходно. Кохезивениот дизајн на суптилен начин повторно со помош на еволутивниот начин на креирање одлично го вклопува Disco Sport  во портфолиото на семејството.

„Малиот“ Disco како Range Rover

Внатрешноста е местото каде што се случија повеќето очигледни промени, изгледот на кабината носи нова динамика, свежина и сјај. Комплетниот ентериер многу вешто во себе ги спојува традиционалните елементи и во исто време ги имплементира најновите технологии. Централната конзола, инфозабавниот систем и системот преку кој се управува со режимите на работа се заменети со значително посовремени верзии, со масовно подобрен систем на допир, кој конечно се збогува со континуираните задоцнети реакции. Всушност, Discovery Sport сега е далеку поблиску до Range Rover моделите одколку било кој друг модел, пред сè тоа се однесува на големиот скок во квалитетот на употребените материјали и завршната обработка. Дека е размислувано во таа насока покажуваат големиот број делови од Range Rover кои своето место го имаат најдено во кабинскиот простор, а како најочигледен пример ќе го посочиме управувачот.

ap-test-LR Disco-Sport

Просторот на предните седишта секогаш е приоритет, но кај Discovery Sport не се изоставени ниту патниците на задната клупа која располага со комодитетот што вообичаено не се сретнува во оваа класа, благодарение на седиштата кои можат индивидуално да се поместуваат и да го менуваат аголот на потпирање. Ваквата конструкција додава можност за 2 дополнителни седишта кои се сместени во дното на багажниот простор, кои многу лесно, само со еден потег се стават во функција. Додаток кој не смее да се занемари и е секогаш добредојден кога треба да се превезат повеќе од 5 лица во исто време. Мултифункционалниот просторот за багаж (и превоз на патници)  во зависност од конфигурацијата може да располага со капацитет кој варира од 754 до 1.794 литри.

ap-test-LR Disco-Sport

Секогаш подготвен да ги изврши командите

Кога говориме за моторот во тестираниот примерок на Discovery Sport најпрво треба да посочиме дека рафинираноста и извонредниот баланс се препознатливите карактерни особини кои се задолжени на моделот да му овозможат квалитетно управување во секоја ситуација. Ергелата на Discovery Sport поседува 150 коњски сили што се расположени за галоп во секој момент, а 380 Nm се тука како производ на 2.0 турбо дизел агрегатот. Во спрега со него константно работи новиот автоматски менувач со 9 брзини што се грижи преносот на силата да биде изведен на максимално брз и ефикасен начин, а притоа да не го наруши комодитетот во управувањето. Од таа причина без проблем може моментално да ја повлечат масата од преку 1,9 тони кога возачот ќе посака имајќи покрај погонот на сите тркaла во себе и технологија „Terrain Response2“ која овозможува да се избере една од предходно сетирани опции за пренос на силата во зависност од подлога по која се движи. Во оваа конфигурација Discovery Sport забрзува до 100 км/ч за 11,4 секунди и достигнува максимални 190 км/ч, а притоа потрошувачката се искачува до 10 литри на секои 100 изминати километри.

ap-test-LR Disco-Sport

Новиот Discovery Sport се вози прилично директно, пак ќе речеме како Range Rover Evoque со кој ја дели својата платформа, што секако не е лошо, бидејќи тоа значи дека е импресивно агилен во извршувањето на командите, без размислување од него може да се побара и поостро влегување во свијоци. Во секојдневна употреба остава убедлив впечаток кој сјае во однос на квалитетот на возењето, давајќи и предност на целокупната удобност, а бидејќи доаѓа од куќа чија што традиција е градење на врвни теренски возила ниту симнувањето од асфалтната подлога не го плашат во што се уверивме за време на неколку дневното дружење.

Традиција и препознатлив лик

ap-test-LR Disco-Sport

Дизајнерите се погрижиле да му подарат препознатлив лик што останува верен на корените. Инжињерите го опремиле со најнови технологии и современи механички склопови. Се вели дека коцките се наредени во најдобар распоред. Традицијата е на негова страна додека конкуренцијата безмилосно напаѓа. Дали Discovery Sport ќе одолее на истите останува времето да покаже, во нашите очи тој е еден од ретките кој во целост може да одговори на барања од поширок спектар.

Цената на тестираниот модел изнесува 60.300 евра.

Технички податоци за Land Rover Discovery Sport SE D150

моторEuro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина1.999 см3
пречник и од83,0 x 92,35 мм
степен на компресија15,5:1
напојувањедве брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ150 KС (110 kW) при 2.800 min/-1
макс. вртежен момент380 Nm при 1.750-2.500 min-1
трансмисијана сите тркала преку 9-степен автоматски менувач
потпирањенапред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачкинапред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици235/60 R18
каросеријаSUV со пет врати, седум седишта
должина х ширина х висина4.597 x 2.069 x 1.727 мм
меѓуоскино растојание2.741 мм
траги (напред/назад)1.636/1.642 мм
тежина1.953 кг
максимална тежина2.650 кг
багажен капацитет754 литри
резервоар65 литри
максимална брзина190 км/ч
забрзување 0-100 km/h11.4 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)5,1/7,2/5,5 л/100 км
емисија на CO2144 г/км

Land Rover Discovery во Македонија:

Land Rover Discovery Sport D15048.700 евра
Land Rover Discovery Sport HSE D18069.300 евра
Land Rover Discovery Sport R-Dynamic HSE D24075.600 евра
Land Rover Discovery Sport B20050.100 евра
Land Rover Discovery Sport S B20057.000 евра
Land Rover Discovery Sport SE B20061.700 евра
Land Rover Discovery Sport HSE B20068.100 евра
Land Rover Discovery Sport R-Dynamic HSE B25075.100 евра

Конкуренти:

Jaguar F-Paceoд 58.200 до 86.400 евра
Mercedes GLEoд 80.880 до 113.980 евра

Повеќе информации во Аутомобили Гроуп или на тел. (02) 3093 024

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close