fbpx

Тест Range Rover Velar: Џентлмен со префинет вкус

Моделот Range Rover Velar преставува пример за високо софистициран автомобилски дизајн што зрачи со огромна доза на префинетост

Кога Range Rover најави нов модел во гамата, прашањето беше каде тој ќе биде сместен, енигмата се разреши со преставувањето на Velar кој се позиционира над моделот Evoque, а под Range Rover Sport.

Британската автомобилска марка Range Rover своите производи секогаш ги поставува во луксузната класа на теренци. Нивната препознатливост се темели врз долгогодишната традиција што во себе носи цврст карактер кој не може да се поистовети со конкуренцијата во сегментот. Со цел да биде во тек со новото време и се поголемите барања на клиентите, компанијата во својата гама додаде модел кој силно кокетира со урбаната култура, а во исто време не ги заборава своите корени што потекнуваат од теренските модели.

Маркантна става

Моделот Range Rover Velar преставува пример за високо софистициран автомобилски дизајн што зрачи со огромна доза на префинетост. Екстериерот во ниту еден момент не делува досадно, иако повеќето елементи и идеи се поврзани со моделите кои веќе егзистираат во гамата, но користени на различен начин, со што е создаден модел со препознатлив идентитет кој го прави свој.

Умешноста на дизајнерскиот тим тука ги покажува своите најсилни атрибути. Трансформацијата и посветеноста на деталите се изведени на суптилен и совршен начин преку што до израз доаѓа уникатноста на Velar. Маркантната појава во најдобро светло ги доловува дизајнерските потези кои создава слика за вистински „image maker “. Џентлмен што стои гордо исправен на големи 21 инчни тркала со наметка која во исто време е класична и вонвременска, но сепак спортска и во тренд со тековните случувања.

Маската на ладилникот преку светлосните склопови завлегува длабоко во страниците на каросеријата создавајќи долга линија која ја дели кабината на половина, непрекинато се движи до самиот крај и повторно се спојува со светлата на задниот дел. Над неа до израз доаѓа ниската поставеност на кровот и неговата надолна линија која создава превид и остава впечаток дека станува збор за купе модел.

Надворешност 1/4 | Range Rover Velar
  Надворешност 2/4 | Range Rover Velar
Надворешност 3/4 | Range Rover Velar
Надворешност 4/4 | Range Rover Velar

    Деталите кои се користени за да се нагласи спортскиот впечаток се вметнати на поклопецот од моторот и имитираат отвори за воздух, оној што ја нагласува софистираноста е еден од функционалните елементи на каросеријата. Имено, рачките за отворање на вратите се сосема рамни и слеани во самите врати, при влегување во кабината излегуваат од каросеријата, а при нивното затварање тие повторно се вовлекуваат во своите лежишта.

    Мускулесто стилизираната става со нагласени пропорции прави оваа креација на Range Rover да зрачи со посебна енергија, од таа причина овозможува Velar во потполност да се издвои од конкуренцијата во дизајнерска смисла.

    Кохезија на традиција и нова технологија

    Моделот Velar во гамата го донесе новиот, далеку помодерен начин на креирање на ентериерот. Новата динамика и свежина која дојде со Velar набрзо своја имплементација најде и кај останатите модели на марката. Пред сè, тука станува збор за врвниот спој на традицијата и новите технологии кои се сè поприсутни во авто индустријата.

    Кабинскиот простор е класа за себе, ако се земе во предвид традицијата тогаш тука се првокласните материјали со кои се прекриени речиси сите елементи, во ниту еден дел неможе да се сретне нешто што е изоставено или пак ставено во втор план. Чувството кое ве обзема буквално вреска и вели дека тука софистицираноста и вкусот по кој се препознава британската марка владее со просторот.

    Range Rover Velar

    Возачката позиција е максимално прилагодлива и во секој момент овозможува одлична прегледност. Место за отстапувања нема и кога говориме за останатиот просторот во внатрешноста. Благодарение на големото меѓуоскино растојание за патниците на задните седишта резервиран е врвен комодитет кој е најзабележлив при долги патувања. Бидејќи Velar се нуди единствено во конфигурација со 5 седишта, бенефитот од ваквата поставеност оди кај багажниот простор. Иако во себе има простор предвиден за сè поретко присутното резервано тркало сместено во долниот дел од багажникот, неговиот капацитет од 673 литри дозволува сериозно пакување на куфери.

    Кога говориме за новите технологии, тука спојот е во застапеноста на екрани кои ги заменуваат старите „аналогни“ инструменти. Бројот на функции кои се извршуваат преку поединечни прекинувачи е веќе минато. Затоа пред возачот местото е резервирано за мултифункционален екран кој во зависност од неговите потреби во моментот може да извршува повеќе функции, меѓу кои и да ја постави картата за навигација во целост на местото од мерните инструменти.

    Ветриштата кои го носат новото време на централната конзола сместуваат и два прилагодливи дисплеи осетливи на допир на кои се проектирани командите од аудио уредот, предходно поврзаниот паметен телефон како и климатизација. Преку еден од екраните се избира и режимот во кој ќе работи возилото, а преку истите кружни прекинувачи се контролира и температурата на клима уредот. Целиот состав на почетокот бара внимание, но по неколку дневно користење станува стандарден дел од рутината.

    Внатрешност 1/4 | Range Rover Velar
    Внатрешност 2/4 | Range Rover Velar
    Внатрешност 3/4 | Range Rover Velar
    Внатрешност 4/4 | Range Rover Velar

      Секогаш подготвен да одговори на предизвиците

      Во оваа прилика имавме можност да седнеме зад управувачот на Velar кој е задвижуван од четирицилиндерски 2.0 дизел агрегат и тоа во неговата најмоќна изведба со два турбо полначи. При самото стартување веднаш е забележлив рафинираниот баланс и смиреноста во работењето што ветува дека ќе овозможи неговите квалитети да дојдат до израз во секоја ситуација. Моќноста изразена во коњски сили изнесува точно 240, истите се на раполагање од ниски вртежи на агрегатот, а тука се и 500 Nm одговорни за елестичноста и можноста да ја повлечат масата од речиси 2 тона кога возачот тоа ќе го побара.

      Како што прилега, на агрегатскиот склоп е додаден и автоматски менувач со 8 брзини што се грижи преносот на силата да биде изведен на максимално брз и ефикасен начин а притоа да не го наруши комодитетот во управувањето. Така, Velar забрзува до 100 км/ч за 7,4 секунди и не престанува да ја движи стрелката на брзиномерот до максималните 217 км/ч, а притоа потрошувачката ја држи во зоната од 10 литри на секои 100 изминати километри. Поради надворешните габарити во урбаната средина со многу гужва (како што е во Скопје) делува помалку неспретно, неговата природна средина сепак се долгите рути каде што Velar ги покажува своите квалитети на најдобар можен начин.

      Високото темпо на управување воопшто не одат на штета на комфорот, иако на прва, поставеноста на каросеријата тоа не го наговестува. Потпирањето е сетирано на начин да ги задоволи потребите на лицата кои претпочитаат да патувааат на повисоко ниво, но секогаш е подготвено да одговори на предизвиците кои би ги наметнале возачите што секогаш бараат спортска нишка во управувањето. За да ги провериме вон асфалтните способности на Velar и дали тој сеуште има поврзаност со неговите корени кои потекнуваат од теренските возила одбравме рута која изобилува со предизвици.

      1 |

      Range Rover Velar
      Фото: Марко Маркоски
      2 | Range Rover Velar
      3 | Range Rover Velar
      4 | Range Rover Velar

        Слободно можеме да потврдиме дека Velar во ниту еден момент не дозволи да се посомневаме, ниту пак да се осетивме загрозени дека ќе останеме заглавени во некој од свежо намокрените калливи предели по кој се движевме, а моторот не покажа недостаток здив. Моделот Velar како и секој вистински преставник на марката јасно ни покажа дека симнувањето од асфалтната подлога воопшто не го плаши, бидејќи покрај погонот на сите тркaла тој ја имплементира и надалеку познатата Terrain Response II технологија која овозможува да се избере некоја од предходно сетирани опции за пренос на силата во зависност од тоа по каков терен се движи.

        Моделот Velar е вистински џентлмен кој достоинствено гази по асфалтот, но во исто време стои гордо исправен кога е извалкан во кал, иако тоа не треба да е негова природна средина. Поседува огромна доза на традиционален аристократски престиж кој тешко дека некој од конкурентите може да го достигне со што се наметнува како идеален избор за лица кои претпочитаат да се сместат зад управувачот на возило што е вон стандардните рамки.

        Цената на тестираниот модел изнесува 104.000 евра.

        Технички податоци за  Range Rover Velar S D240 AWD Auto 8 R-Dynamic:
        мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
        работна зафатнина 1.999 cm3
        пречник и од 83,0 x 92,35 mm
        степен на компресија 15,5:1
        напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
        максимална моќ 240 KС (177 kW) при 4.000 min/-1
        макс. вртежен момент 500 Nm при 1.500 min-1
        трансмисија на сите тркала преку 8-степен автоматски менувач
        потпирање напред Мекферсон систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
        сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
        пневматици 245/45 R21 (напред), 245/45 R21 (назад)
        каросерија теренец со пет врати, пет седишта
        должина х ширина х висина 4.804 x 2.041 x 1.657 mm
        меѓуоскино растојание 2.874 mm
        траги (напред/назад) 1.642/1.657 mm
        тежина 1.911 kg
        максимална тежина 2.510 kg
        багажен капацитет 673 литри
        резервоар 60 литри
        максимална брзина 217 km/h
        забрзување 0-100 km/h 7,4 секунди
        потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,1/7,2/6,6 l/100 km
        емисија на CO2 164 g/km
        Range Rover Velar во Македонија:
        Range Rover Velar Base D180 74.500 евра
        Range Rover Velar S D240 88.500 евра
        Range Rover Velar SE D275 94.400 евра
        Range Rover Velar HSE B300 101.400 евра
        Range Rover Velar R-Dynamic Base D180 78.700 евра
        Range Rover Velar R-Dynamic НЅЕ D300 113.500 евра
        Range Rover Velar R-Dynamic ЅЕ В250 90.300 евра
        Range Rover Velar R-Dynamic НЅЕ B300 105.600 евра

        Повеќе информации во Аутомобили Гроуп или на тел. (02) 3093 024.

        Конкуренти:
        Jaguar F-Pace oд 58.200 до 86.400 евра
        Mercedes GLE oд 80.880 до 113.980 евра
        Галерија:
        СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

        Поврзани вести

        Back to top button