Освежениот Renault Talisman влегува во продажба
Renault ги отвора книгите за нарачки за освежениот Talisman кој се нуди со три нивоа на опременост и кој пристигнува во две каросериски изведби
Освежените караван и седан верзии на Talisman сега влегуваат во продажба, а Renault ги соопшти цените за францускиот пазар. Рестилизираните модели, со освежен дизајн на екстериерот и ентериерот, како и унапредениот комфор и најновите технологии сега се достапни за купувачите.
Меѓу новите карактеристики со кои се одликува освежениот Talisman се наоѓа и новиот Easy-Drive, систем за асистенција во возењето кој гарантира безбедност и удобност цело време. Благодарение на новите Matrix Vision LED адаптивни светла, светлосните зраци се подесуваат автоматски зависно од условите на патот, што овозможува возење со полн интензитет на светлата без притоа да ги загрозите останатите учесници во сообраќајот.
Покрај ова, во освежените караван и седан верзии на Talisman се наоѓаат и динамичните индикатори за насока, Motorway и Traffic асистентот, адаптивната Cruise Control со Stop & Gо функција, активниот систем на сопирање за итни случаи со детектирање на пешаци, активен заден детектор за судир, Autohold функција, унапредена навигација со автоматско ажурирање и многу други системи. Во внатрешноста се наоѓа и новата 10,2-инчна инструмент табла. Тука е и 9,3-инчниот екран на допир со Easy Link опција, кои се дел од стандардната опрема во пакетот Intens.
Освежениот Talisman се нуди во три нивоа на опременост. Почнувајќи од Zen, преку Intens па до Initiale Paris, трите опции се адаптирани да ги пресретнат очекувањата на купувачите. На врвот на понудата е Initiale Paris верзијата, која во изминатиот период се покажа како најуспешна за Talisman. За луксузниот Talisman Initiale Paris е предвиден и Nappa кожни пакети како предни седишта со греење, вентилација и масажа.
Редизајнираниот Talisman се нуди во опција со четири агрегати, а акцентот е ставен на дизелските мотори. Електрификација, спротивно на трендот, засега нема. Базичната и единствената бензинска верзија ја сочинува 1,3-литарскиот TCe мотор. Истиот пристигнува во комбинација со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка како стандард, кој развива 160 КС и 270 Nm највисок вртежен момент. За љубителите на дизелските погонски опции тука е 1,7-литарскиот Blue dCi четирицилиндричен мотор со 150 КС со шестстепен мануелен менувач. Потоа следува посилниот 2,0-литарски турбо-дизелски четирицилиндричен мотор кој е комбиниран со шестстепен автоматски EDC менувач со двојна спојка. Истиот се нуди со 160 (Blue dCi 160) и 200 КС (Blue dCi 200).
Renault ги објави цените за освежениот Talisman во Франција. Цената на почетниот модел со Blue dCi 150 во Zen ниво на опременост изнесува 33.400 евра. За истиот модел во Intens ниво на опременост треба да се издвојат 37.100 евра. Blue dCi 160 верзијата се нуди единствено со Intens ниво на опременост и цената за оваа верзија изнесува 40.100 евра. Следува Blue dCi 200 кој во Intens варијанта кој се нуди за 42.600 евра. Во врвот на понудата се наоѓа Blue dCi 200 со Initiale Paris ниво на опременост, чија цена изнесува 49.300 евра.
За бензинската верзија, во Франција треба да се издвојат 35.100, 38.600 или 45.300 евра, зависно од нивото на опременост. За караванската изведба заинтересираните купувачи ќе мора да издвојат 1.200 евра повеќе за Zen, односно 1.400 евра за останатите нивоа. Како што напоменавме, погоре наведените цени се однесуваат на францускиот пазар, а наскоро очекуваме да ги објавиме цените и за Македонија.