fbpx

Продажбата на автомобили во ЕУ годинава ќе опадне за 25%

Европската асоцијација на автомобилски производители направи ревизија на своите продажни предвидувања за 2020 година, а истите не делуваат ветувачки

Европското здружение на автомобилски производители ACEA предвидува дека продажбата на автомобили на европскиот пазар, односно во Европската унија, оваа година ќе опадне за 25 проценти поради здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

ACEA, чие седиште се наоѓа во Брисел, соопштува дека автомобилската индустрија се соочува со голема економска криза поради пандемијата. Во соопштението се наведува дека проценките за продажбата на нови автомобили предвидени за оваа година во земјите од ЕУ се помали за 25 проценти.

Минатата година во земјите од Европската унија беа продадени 12,8 милиони автомобили, а се очекува таа бројка во 2020 година да биде намалена за нешто повеќе од три милиони, односно да се продадат 9,6 милиони автомобили. Со економската криза предизвикана од пандемијата, пазарот на нови автомобили во ЕУ се намали за 41,5 проценти во првата половина од оваа година, а се очекува ситуацијата во следните месеци да се опорави со ублажувањето на рестриктивните мерки во земјите.

Исто така од ACEA наведуваат дека продажбата на автомобили ќе биде на најниско ниво од 2003 година, а земајќи го предвид придонесот на овој сектор кон производството и вработувањето, побарана е политичка и економска поддршка од државите членки на ЕУ.

Асоцијацијата бара помош од ЕУ

„ACEA ја задржува надежта дека ова драматично сценарио ќе биде ублажено преку брзи и силни мерки од страна на ЕУ и националните влади. Со оглед на досега невидениот колапс на продажбата, иницијативите за купување и финансиски шеми се повеќе од потребни во ЕУ за да се креира повеќе од потребната побарувачка за нови автомобили. Во интерес на нашата индустрија и европската економија, бараме неопходна политичка и економска поддршка со цел да се лимитира штетата врз производството и вработувањето во следните месеци“, изјави генералниот директор на асоцијацијата, Ерик-Марк Хуитема.

За потсетување, во април, кога на сила беа најрестриктивните мерки, продажбата на нови автомобили во цела Европа опадна за цели 78 проценти.

Поврзани вести

Back to top button