Peugeot 108 доби благ третман и освежување
Француската компанија Peugeot подготви мал третман за своето мало градско возило кое пристигнува со неколку новини
Се уште е неизвесно дали малиот 108 воопшто ќе добие свој директен наследник во оваа форма која што е сега. Според шпекулациите во автомобилскиот свет, малиот градски автомобил би можел да се произведува единствено како електрично возило, а како потенцијална опција се споменува и малиот кросовер 1008 кој би го пополнил местото во А сегментот. Во секој случај, до конечната одлука околу иднината, Peugeot 108 добива блага рестилизација, со тоа што малиот градски автомобил добива неколку новини на надворешноста и внатрешноста, со што го продолжува својот век на траење на пазарот.
Кога станува збор за екстериерот, Peugeot 108 нема некои позабележителни промени, освен тоа што во изборот сега се додадени нови бои – Smooth Green, Diamond White и Zircon Grey. Опцијата за електричен покрив сега исто така може да биде финиширана во нова боја исто така, додека белата и зелената боја можат да се применат и во ентериерот. Peugeot 108 нуди и две нови опции за персонализација наречени Green „Vector“ и Grey „Vector“ кои сега се достапни и носат нова графика за областа околу предните светла и вратите.
Француски Peugeot поработе и на збогатувањето и уредувањето на опремата. Така, базичниот 108 сега пристигнува со мануелна клима, LED дневни светла, електрични стакла, 7-инчен екран за управување со инфозабавниот систем кој пристигнува со интегрирани Android Auto и Apple CarPlay. Тука е и системот за асистенција при движење во нагорнина, лимитер за брзина, како и сензори за притисок во гумите.
За крај, треба да се истакне дека Peugeot не направи промена кога станува збор за погонската единица. Peugeot 108 и понатаму се напојува со 1,0-литарскиот трицилиндричен мотор кој испорачува 72 КС и 126 Nm, a моќноста до предните тркала се испорачува преку петстепен мануелен менувач.