fbpx

Редизајнираното лого на Opel пристигнува со Mokka

Симболот на молња во круг, кој ги краси сите модели на Opel уште од 1963 година, доживува нова рестилизација која пристигнува со новата Mokka

Германскиот производител кон крајот на јуни ја претстави новата генерација на Opel Mokka, која на пазарот најпрво ќе пристигне во својата електрична варијанта. Новата Mokka со себе носи неколку новини кои се дел од новиот правец на германската компанија и ќе ги сочинуваат сите идни модели на Opel.

Така, освен новиот дизајн на предната маска познат како Opel Vizor, како и најновиот целосно дигитален Pure Panel кокпит, Mokka ќе го донесе и рестилизираниот амблем на „опеловата“ молња. Логото на легендарната германска марка исто така ќе ги краси сите наредни модели на овој производител.

Како што објаснува потпретседателот на секторот за дизајн во Opel, Марк Адамс, „прстенот е сега потенок, поелегантен, попрецизен и покарактеристичен, со што повеќе се нагласува самата молња“. Новата интегрирана „молња“ е истакната на предната маска од возилото, како и на централниот дел од вратата на багажникот, над редизајнираниот логотип „Mokka“.

Opel

Молњата во круг ги краси сите модели на Opel уште од далечната 1963 година, а во зависност од моделите и годината на производство, амблемите малку се разликуваат. Од 1970 година поставени се јасни насоки за дизајнот во сите области на компанијата, а овој дизајн за прв пат е редизајниран во 1987 година.

Opel

Следните модернизации следуваа во новиот милениум, во кој блесокот на молњата го прими тродимензионалниот облик, со логотипот на компанијата. Од 2016 година, моделите на Opel ги краси прецизно врежана хромирана молња. Официјалното лого на компанијата дизајниран е во модерниот рамен облик во летото 2017 година. Редизајнираната молња за идните модели сега се вклопува и во дводимензионалното лого за маркетинг и дигитална комуникација.

Поврзани вести

Back to top button