Opel официјално ја претстави новата Mokka

Новата генерација на Opel Mokka субкомпактниот кросовер конечно пристигна по месеците тизер кампања и дебитира со целосно електричен погон

Opel Мокка е првиот модел на германската марка кој дебитира со целосно електрична верзија. Втората генерација на Mokka исто така е најава за новиот прогресивен изглед на брендот благодарение на Opel Vizor предницата, дизајнерски јазик кој ќе биде прифатен од сите идни модели. Исто така, кросоверот Mokka е првиот модел на брендот кој ќе го добие најновиот целосно дигитален Pure Panel кокпит.

Она што е интересно, а е спротивно на трендовите во автомобилскиот свет, новата Mokka е 125 милиметри пократка од својот претходник, односно должината изнесува 4,150 милиметри од браник до браник. Од друга страна, меѓуосовинското растојание е 2 милиметри подолго, што значи дека патниците во задниот дел би требало да имаат иста пространост како и во првата генерација на Mokka. Багажникот има капацитет од 350 литри, што е шест литри помалку во однос на моделот во заминување, иако новата Mokka, како што напоменавме, е пократка од претходникот. Овие димензии резултираат со поспортски пропорции за новата Mokka.

Како што е веќе познато, Opel Mokka е поставена на CMP платформата на PSA групацијата, што овозможува гамата на конвенционални мотори да биде збогатена и со целосно електрична верзија наречена Mokka-e. Кога станува збор за моторите со внатрешно согорување, Mokka ќе ги добие истите моторни единици кои ги има кај DS3 Crossback и Peugeot 2008, а тоа се бензинците 1.2 PureTech со 100, 130 и 155 КС, како и Blue HDi дизел моторите со 100 и 130 КС. Ќе биде достапен и осумстепен автоматски менувач, но оваа генерација нема да добие погон на сите четири тркала.

Opel Mokka

Значително помодерен стајлинг и напредни технологии

Кога станува збор за електричната Mokka, тука за погонот е задолжен електромотор со 136 КС и 260 Nm, додека со едно полнење на батеријата со капацитет од 50 kWh автономијата изнесува 322 километри. Кај Mokka-e батериите се вградуваат длабоко во подот на возилото, што го намалува тежиштето и истовремено ја зголемува торзиската цврстина за дополнителни 30 проценти. Батеријата ќе може да се наполни до 80 проценти за 30 минути користејќи го 100-kW DC брзиот систем на полнење.

Покрај новата платформа, значително помодерниот стајлинг и новите технологии, новата Mokka, како што е напоменато погоре, пристигнува со нова унапредена внатрешност со Pure Panel дигитална инструмент табла од 12 инчи, а тука е и модерниот инфозабавен систем кој варира од 7 до 10 инчи, зависно од верзијата.

Поставена на 18-инчни тркала, новата Opel Mokka е вистинско освежување со својот изглед, благодарение пред се на Opel Vizor кој доаѓа како стандарден дел, додека како опција се нудат и дополнителни matrix LED светла, за прв пат во овој сегмент. Opel ја нуди новата Mokka и со 180-степена панорамска камера и напреден Cruise Control систем со stop & go функционалност. Opel Mokka ќе започне со продажба во Европа кон крајот на летото, а испораките ќе стартуваат на почетокот од 2021.

Поврзани вести

Back to top button