Rimac C_Two ќе ве учи како да станете подобар возач
Компанијата Rimac пронајде интересен начин со кој нивните клиенти ќе можат да „комуницираат“ со своите автомобили
Rimac за моделот C_Two подготвува систем за подобрување на перформансите преку реална комуникација со автомобилот. Таа не опфаќа гласовни команди или дигитални асистенти, туку за вистински и реален „фидбек“ и охрабрување на возачите. Создаден од дивизијата за автономно возење на Rimac, Driver Coach е вештачка интелигенција која анализира еден куп информации по што ви ги дава најдобрите начини како да извлечете што е можно повеќе перформанси на патиштата, а најдоброто нешто е што може да вози за вас.
Rimac C_Two поседува навистина спектакуларни бројки – 1.887 КС и спринт од нула до „стотка“ за помалку од две секунди. Тоа е прилично голема моќност која може да ве доведе и во проблеми. Но, исто така има и доста потенцијал за да се извлече максималното искуство од возење на хиперавтомобил.
„Она што ние го правиме е систем каде што AI (вештачката интелигенција) игра клучна улога во учењето на возачите како да имаат добри резултати на патеките. Сето тоа при максимални перформанси на автомобилот. Не сите наши клиенти се професионални возачи. Но, сакаме тие навистина да уживаат во автомобилот и да се забавуваат“, изјави Саша Вразиќ, директорот на тимот за автономно возење во Rimac.
Системот користи суперкомпјутер за анализа и складирање на шест терабајти информации секој час. Податоците се собрани од девет камери, LIDAR, радар и 12 ултрасонични сензори. Алгоритмите се грижат за „џвакање“ на сите бројки со цел возачот да добие што е можно подинамично и поперсонализирано искуство. Дури може и да претпостави ако стравот на возачот преовладее при сопирање по долго и брзо возење на прав пат и препорачува нов пристап со порано сопирање со цел да се намали анксиозноста. Исто така, може да го преземе управувањето и да му покаже на возачот како треба да постапува. Сето ова додека зборува со вас и ја учи патеката и ве одржува безбеден со исправањето на сите возачки грешки кои се случуваат попат.
Исто така, системот е способен да реагира на други возила и објекти во реално време. „Користевме професионални возачи со цел да ни помогне да го разбереме идеалниот круг. Секако, и AI може да го пресмета совршениот круг исто така. Потоа ги споредуваме возачкиот и AI кругот и ја согледуваме разликата. Тоа игра голема улога“, вели Саша.
Оваа опрема ќе биде стандардна кога Rimac C_Two конечно ќе пристигне на пазарот.