fbpx

Хамилтон доминантен во Унгарија, успеа да се израмни со Шумахер

Возачот на Mercedes Луис Хамилтон имаше убедливо издание на третата трка од годинешниот шампионат во Formula 1, на Големата награда на Унгарија

Луис Хамилтон успеа по осми пат во кариерата да слави на Hungaroring со што успеа да го израмни рекордот на Михаел Шумахер по бројот на победи на една патека. Легендарниот Германец во својата славна кариера успеа осум пати да се искачи на победничкиот пиедестал на Magny-Cours во Франција. Шесткратниот светски шампион успеа да ја забележи својата втора победа сезонава, а вкупно 86-та во кариерата, со што сега е на само пет победи од рекордот на Шумахер според бројот на победи на сите времиња.

По се изгледа дека Луис Хамилтон ќе ја продолжи доминацијата во Formula 1 и оваа сезона. По само три трки, фантастичниот Британец веќе запиша две победи и граби кон уште една титула, со која ќе дојде до бројот седум, колку што изнесува уште еден рекорд на Шумахер. Откако беше најбрз на Red Bull Ring, во трката за Големата награда на Штаерска, Хамилтон запиша уште еден триумф и тоа на мошне доминантен начин, бидејќи од првиот до последен круг беше лидер, освен кога влегуваше во боксот.

Зад Хамилтон, на второто место заврши Макс Ферстапен од Red Bull. На третото место заврши уште еден возач на Mercedes, Валтери Ботас. Победата на актуелниот шампион во ниту еден момент не беше загрозена. Интересно, само четворица возачи трката ја завршија во ист круг со него, додека борбата за второто место беше релативно неизвесна. Ферстапен во најголем дел беше второпласиран, за во самиот финиш Ботас да успее да го стигне, а во последниот круг почна и да го предизвикува. Но, иако успеа да му се доближи целосно, Финецот немаше доволно време за напад. Исто така и Хамилтон му го „украде“ бодот за најбрз круг на трката.

По победничкото трио следува возачот на Racing Point Ленс Строл, пред Александер Албон од Red Bull и четирикратниот шампион Себастијан Фетел. Серхио Перез од Racing Point беше седми, пред Даниел Рикардо од Renault и возачот на Haas Кевин Магнусен. Последниот бод му припадна на Карлос Саинс во McLaren. Tој во директниот дуел беше подобар од возачот на Ferrari Шарл Леклер.

Во генералниот пласман води Луис Хамилтон со 63 бода, Ботас е втор со 58, а Ферстапен трет со 33. Сезоната во Formula 1 продолжува на 2 август во Silverstone.

Поврзани вести

Back to top button