fbpx

SEMA ги промени плановите, откажан настанот за 2020

И покрај инсистирањето дека ќе се одржи годинешниот настан без оглед на се, од SEMA одлучија сепак да го откажат годинешното издание

Потег кој можеби ќе биде изненадување за многумина, но SEMA денеска најави дека го откажува настанот предвиден за 2020 година, откако претходно со месеци упорно тврдеа дека истиот ќе се одржи во живо во Лас Вегас. Претседателот и извршен директор на SEMA, Крис Керстиг во соопштението истакна: „Додека организаторите на настаните и членовите на индустријата работеа неуморно за да се направи беспрекорен SEMA настан во ноември, растечката неизвесност направи настанот да биде непрепорачлив за одржување“.

Ова навистина е драстична промена на плановите, ако се знае дека SEMA упорно убедуваше дека ќе се одржи настанот во ноември според планираното, со присуство на посетители и изложувачи.

Поголем број постови на социјалните мрежи и видеа од страна на асоцијацијата индицираа дека настанот во 2020 ќе се одржи и покрај тоа што помалите настани како CES се насочија кон дигиталниот формат. SEMA состави детален безбедносен план, кој вклучуваше проверка на телесната температура и носење на заштитни маски, истакнувајќи дека конвенцискиот центар во Лас Вегас ќе биде безбедно место да пречека десетици илјади посетители.

Сепак, Лас Вегас во последниот период бележи значителен раст на нови заболени од Covid-19 по отворањето на хотелите и казината пред неколку недели. Според новите бројки, областа во која се наоѓа градот има 52.000 потврдени случаи, со 800 до 1.000 нови случаи на дневно ниво.

Во секој случај, од SEMA не истакнуваат ниту една конкретна причина за откажување на настанот, но во соопштението се споменува неодамнешна анкета меѓу изложувачите, која веројатно е неповолна за организаторите. Од асоцијацијата истакнуваат дека дигиталното искуство се уште е опција за SEMA.

Поврзани вести

Back to top button