Новиот Hyundai Tucson официјално дебитираше
Целосно новиот Hyundai Tucson ја доживеа својата премиера, а како што можеше да се види по тизер фотографиите, нема ништо заедничко со актуелниот модел
Hyundai Tucson влезе во својата четврта генерација и се одликува со новата Sensuous Sportiness дизајнерскиот јазик на компанијата. Со оглед на тоа, Tucson добива целосно нова предна решетка со „параметрички скриени светла“, што значи дека кога автомобилот е изгасен, предницата на Hyundai делува како да е прекриена исклучиво во црни геометриски шеми без очигледни LED дневни светла.
Овој дизајн продолжува и на страните од новиот SUV каде што се наоѓаат острите површини и аголните сводови над тркалата. Со цел комплетирање на новиот дизајн тука е и радикално променетата задница која вклучува одделни задни светла, скриени задни брисачи кои се поставени под спојлерот, мазен стаклен Hyundai беџ и агресивен дифузер.
Новиот Tucson порасна во однос на претходникот кога станува збор за димензиите. Така, автомобилот сега е поголем за 20 милиметри во ширина и должина, 5 милиметри во висина и има 10 милиметри поголемо меѓуосовинско растојание. Багажникот има капацитет од 546 литри во основната конфигурација.
https://youtu.be/RlsxwoKd_sQ
Промените во однос на минатата генерација се забележливи и во внатрешноста. Тука се наоѓа вертикално ориентираното лице кое се спојува со централната конзола „како водопад“, велат од Hyundai. Исто така, тука е и големиот 10,25-инчен екран на допир од инфозабавниот систем како и дигиталната инструмент табла. Hyundai ги елиминираше традиционалните копчиња за клима-уредот.
Од друга страна, корејскиот производител дизајнираше амбиентално осветлување кое е позиционирано во страничните џебови на централната табла, околу бежичната постава за полнење телефони и низ панелите од вратите. Овој систем нуди 64 бои и 10 нивоа на светлина. Новиот Tucson добива и втор ред седишта кои можат да се склопат целосно со што се обезбедува 1.095 литри простор.
Моделите кои се на врвот на понудата користат 10,25-инчен екран, додека базичните користат помал, 8-инчен екран. И покрај тоа, тие нудат бежична компатибилност со Apple CarPlay и Android Auto. Но, и опција за конектирање на два Bluetooth уреди одеднаш. Новиот Tucson исто така пристигнува со апликација која користи NFC за отклучување и заклучување на возилото. Таа истовремено им овозможува на сопствениците да го стартуваат моторот и клима-уредот на оддалеченост од речиси 30 метри. Не е штедено ниту кај активните безбедносни системи. Така, новата генерација на Tucson поседува AEB со детекција на пешаци, предупредување на возило во „мртвиот“ агол, систем за одржување на возилото во коловозната лента…
Кога станува збор за моторните единици, од Hyundai мораа да размислуваат однапред, пред се поради престојните правила на ЕУ кога станува збор за емисијата на CO2. Така, во понудата покрај стандардниот бензинец и дизел мотор, ќе се најде и класичен хибрид, потоа plug-in хибрид, како и системи на блага хибридизација. Hyundai не ги соопшти веднаш сите детали во врска со погонските единици. Така, спецификациите во врска со plug-in хибридот ќе го добиеме нешто подоцна.
Кога станува збор за бензинците, Hyundai ќе го понуди 1,6-литарскиот T-GDi мотор со 150 КС. Истиот ќе се нуди со погон на предните или сите четири тркала. Потоа, 1,6-литарскиот T-GDi бензинец со блага хибридна технологија и 150 КС со погон само на предните тркала. Следува истиот мотор, но со 180 КС кој ќе нуди опција за погон и на сите четири тркала. Понудата кај дизелите почнува со 1,6-литарскиот CRDi со 115 КС. На врвот е 1,6-литарскиот CRDi мотор со блага хибридна технологија кој испорачува 136 КС со погон на предните или сите четири тркала.
Hyundai потврди дека продажбата на новиот Tucson ќе започне во Јужна Кореа во септември како модел за 2021 година. Потоа се очекува да пристигне на останатите глобални пазари како модел за 2022 година почнувајќи од првата половина на 2021.