Светска премиера на новата Mokka, Opel ги објави цените
Целосно новата Mokka и електричната верзија Mokka-e ја забележаа и официјалната светска премиера, а од Opel ги објавија преостанатите детали
Opel ја претстави електричната Mokka пред неколку месеци, а неодамна ја прикажа и Mokka GS Line, односно конвенционалната верзија на својот кросовер. Сега, германскиот производител ја одржа и светската премиера на својот кросовер. Притоа ги објави и сите преостанати детали кои се однесуваат на новата генерација. Пред се, тука се мисли на цената.
Како што објавија од Opel, почетната цена на конвенционалната Mokka ќе изнесува 19.990 евра. Во стандардната опрема влегуваат, меѓу другото, full LED светла на предниот и задниот дел, како и системот за препознавање на сообраќајни знаци. Кога станува збор за електричната верзија Mokka-e, цената ќе изнесува 32.990 евра, односно 23.420 евра во Германија со вклучени субвенции.
„Со новата Mokka, ние виртуелно го реосмисливме Оpel. Успеавме да дизајнираме и да направиме автомобил од ништо. Целиот тим работеше со невидена страст и посветеност со цел да го одведат Opel во една блескава иднина“, изјави извршниот директор на Opel, Михаел Лохшелер.
Opel од денеска ги отвара нарачките за новата генерација на својот кросовер, а уште од стартот новата Mokka ќе биде достапна со бензински, дизел и секако електричен погон.
Новата Opel Mokka се одликува со нов и храбар дизајн. На предниот дел се истакнува новиот Opel Vizor кој се интегрира во решетката на автомобилот. За прв пат со новата генерација на автомобилот, името на моделот се појавува на средината од задниот дел со специјално дизајниран фонт за зборот „Mokka“.
Новата филозофија на Opel е впечатлива и во ентериерот. Новиот Opel Pure Panel интегрира два екрани и се фокусира на клучните работи. Наспроти кокпитите кои се оптоварени со информации и контроли, Pure Panel има уникатно чист дизајн. Кога станува збор за ентериерот, базичната Mokka пристигнува со Multimedia Radio и Multimedia Navi системи со 7,0-инчен екран на допир. На врвот на понудата се наоѓа Multimedia Navi Pro со 10-инчен екран со висока резолуција. Мониторите се интегрирани во новиот Pure Panel и насочени кон возачот. Екранот на возачкиот инфо центар се протега на 12 инчи.
Кабината може да биде обложена со Алкантара или пак со класичен кожен ентериер, кои се достапни како опција, што е навистина невообичаено за автомобил како Mokka и сегментот во кој се наоѓа.
Иновативни технологии
Уште на стартот на продажбата, новата Mokka ќе се нуди во целосно електрично издание, заедно со моторите на внатрешно согорување. Сето тоа благодарение на CMP мулти-енергетската платформа. Електричниот мотор испорачува 136 КС со 260 Nm вртежен момент. Возачите ќе можат да бираат меѓу три режими на возење – Normal, Eco и Sport. Со својата 50 kWh батерија, Opel Mokka-e има чисто батериски опсег на движење од 324 километри според WLTP. Мокка-е е подготвена за сите начини на полнење, без разлика дали станува збор за wall box, брз полнач или кабелско решение за домашен приклучок. Opel исто така нуди и гаранција од 160.000 километри за батеријата.
Од друга страна, бензинските и дизел варијантите се нудат со моќност од 100 КС до 130 КС. Комбинираната потрошувачка и емисија на CO2 на целата флота според NEDC изнесува 4,8-3,8 литри на 100 километри, односно 111-100 g/km CO2. Сите мотори пристигнуваат со модерен шестстепен мануелен менувач, или пак осумстепен автоматик со лопатки за менување на брзини.
Opel со новата Mokka нуди и иновативни технологии од повисоките сегменти. Тука е вклучен и напредниот систем како ACC (унапредениот темпомат) и активно позиционирање во коловозната лента. Светлосните групации исто така нудат врвни технологии со адаптивните IntelliLux LED Matrix светла што е уникат во сегментот во кој се наоѓа Mokka. Покрај стандардната опрема, достапни се и 180-степена камера на задниот дел, автоматска паркинг асситенција и предупредување за слепа точка.