Новата BMW Серија 4 сега и во Македонија
Само неколку месеци по официјалното деби, новата генерација на BMW Серија 4 пристигнува и пред македонските купувачи
Новата „четворка“ на BMW во купе варијанта сега е достапна и на македонскиот пазар, откако претходно го забележа официјалното деби во јуни. Редакцијата на Авто Плус успеа да ја „улови“ новата BMW Серија 4 преку својот фотоапарат и во прилог ви го пренесуваме она што успеавме да го забележиме во изложбениот салон на BMW во Македонија.
Секако, прво нешто за што бевме најљубопитни и ни го привлече вниманието, а веруваме и сите други, особено фанови на баварската марка, е предната решетка од ладилникот, популарните „бубрези“. Познато е дека новата генерација на Серија 4 доби невообичаено голема предна решетка, што наиде на голем број реакции, во главно негативни кај автомобилската јавност. Но, луѓето тешко прифаќаат промени, а кога ќе го погледнете автомобилот во живо, ситуацијата воопшто не е драматична како што се чини. Дури, може да се каже дека ваквите џиновски „бубрези“ му прилегаат одлично на автомобилот.
Покрај предната маска на ладилникот треба да се напоменат и адаптивните LED светла и уникатните задни светла во форма на L.
Во внатрешноста пристигнува и најновата верзија на BMW iDrive 7.0 инфозабавниот систем со стандардниот 8,8-инчен екран на допир од инфозабавниот систем и 5,1-инчниот дигитален екран позициониран меѓу аналогниот инструмент кластер. BMW како опција нуди и 12,3-инчна инструмент табла која доаѓа во комбинација со 10,25-инчен централен екран од инфозабавниот систем.
На почетокот во понудата ќе се најдат неколку различни варијанти, но моделот кој ние го забележавме во продажниот салон е BMW 430i, кој се напојува со 2,0-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор кој испорачува 258 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Од нула до „стотка“ овој модел стигнува за 5,8 секунди пред да достигне максимална брзина од 250 километри на час.
За повеќе информации обратете се во продажниот салон на BMW во Македонија, или посетете го официјалниот веб сајт.