Peugeot 2008 добитник на престижната Auto Europa награда
Компактниот SUV на француската компанија, Peugeot 2008, добитник е на престижната италијанска награда Auto Europa за 2021 година
Peugeot 2008 ја продолжува традицијата на француската компанија станувајќи шестиот модел на Peugeot кој успеал да се закити со престижното признание Auto Europa, признание кое го доделува италијанскиот сојуз на автомобилски новинари (UIGA). Низата ја започна Peugeot 207 во 2007 година, по што следуваше Peugeot 3008 во 2010 година. Претходната генерација на 208 го освои признанието во 2013 година, 308 во 2015 година, а претходната генерација на 2008 го освои ова признание во 2014 година.
Сега, наградата е доделена на новата генерација на 2008, со што стана најуспешниот модел на Peugeot кога станува збор за Auto Europa наградите со две признанија. Peugeot 2008 се покажа како доста успешен на италијанскиот пазар, каде успеа да привлече нешто повеќе од 20.000 нови купувачи.
Инаку, оваа година во гласањето за прв пат, покрај членовите на UIGA, учествуваа неколку инфлуенсери, но и јавноста, по што се избраа најдобрите од седумте финалисти. Кога станува збор за самата награда, вреди да се напомене дека Auto Europa се доделува на водечкиот автомобил кој е предодреден да стане еден од најголемите играчи на италијанскиот пазар за следната година избран меѓу 15 кандидати, произведен во Европа во најмалку 10.000 примероци.
Peugeot 2008 се одликува со иновативен и впечатлив стил, пред се благодарение на предните и задните светла кои стануваат заштитен знак на сите Peugeot модели. Во внатрешноста најмногу се истакнува Peugeot i-Cockpit 3D дигиталниот инструмент кластер, за унапредено возачко искуство, а тука е и 10-инчниот инфозабавен систем кој се конектира со Android Auto и Apple CarPlay. Благодарение на Power of Choice, новиот Peugeot 2008 може да се избере со 100 проценти електричен погон или со конвенционален мотор со внатрешно согорување.