Ferrari SF90 Spider уловен за време на подготовките
Ferrari е „уловен“ за време на тестирањето на прототипот на SF90 Stradale во Маранело, а според она што може да се види, станува збор за верзија без покрив
Ferrari SF90 Spider полека се подготвува за својата премиера, а она што е особено интересно и што може да се забележи од шпиунските фотографии е дека најверојатно станува збор за модел без покрив. Причина за тоа е што инженерите на италијанската компанија направија сериозен обид да го сокријат покривот со црвена ткаенина користејќи ги прозорците и леплива трака. Моделот многу веројатно ќе го понесе називот Ferrari SF90 Stradale Spider, или едноставно SF90 Spider и ќе претставува вториот електрифициран кабриолет на компанијата по LaFerrari Aperta.
Инаку, не треба да се смета за индиректен наследник на хиперавтомобилот, туку повеќе како унапреден F8 Spider, а како и неговиот неелектрифициран „брат“, многу веројатно ќе се карактеризира со преклоплив метален покрив, наместо мек.
Промената на каросеријата очекувано ќе пристигне со нешто поголема тежина во однос на стандардниот SF90 Stradale. Како резултат на тоа, се очекува да биде за нијанса побавен во однос на 2,5 секунди колку што му се потребни на „обичниот“ SF90 Stradale за да го достигне спринтот до „стотка“.
Ferrari SF90 Stradale се напојува со 4,0-литарски турбо V8 мотор и три електромотори кои испорачуваат 1.000 КС. Максималната брзина изнесува 340 километри на час, а моторот е во комбинација со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Благодарение на електромоторите, суперавтомобилот може да помине 25 километри користејќи исклучиво електрична енергија.
Според некои информации, Ferrari се очекува да го претстави SF90 Spider кон почетокот на следната година, а испораките се очекува да започнат следното лето.