РKE ги поскапува горивата од ноќеска на полноќ
РКЕ донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја, а според истата, горивата од вечерва на полноќ ќе поскапат
Најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) носи поскапување на цените на нафтените деривати во нашата земја во просек за 3,11 проценти во однос на цените кои беа донесени со одлуката минатата недела.
Според ова, цената на бензинот Еуросупер БС-98 се поскапува за еден денар по литар гориво, додека бензинот Еуросупер БС-95 ќе поскапи за денар и половина. Иста ќе биде ситуацијата и со Еуродизел кој поскапува за 1,50 денари.
Во согласност со ова, од вечерва на полноќ Еуросупер БС-98 ќе точиме по цена од 61,50 денари за литар гориво, Еуросупер БС-95 ќе чини 60 денари, додека Еуродизел ќе се продава по 51 денар по литар гориво.
Кои се причините за зголемувањето на цените?
Претседателот на РКЕ; Марко Бислимоски, истакна дека глобалната ситуација ја диктира цената на нафтата на светските пазари.
„Неколку причини, односно информации влијаат врз зголемување на цената на нафтата. Најавите од ОПЕК за разгледување на можноста од значително намалување на производството на нафта и во 2021 година, како резултат на дополнителните ограничувања на движења, наметнати поради пандемијата во Европа е една од причини која допринесе за пораст на цената на нафтата. Се проценува дека со ваквиот пристап ќе се овозможи да настане умерен пад на глобалните залихи, кој се очекува да се забрза со средината на 2021 година.
Во исто време како ценовно чувствителна се рефлектираше објавената информација на фармацевската компанија Pfizer, дека вакцините за Covid-19, се покажале како ефикасни во 90% кај случаевите кои се испитуваа во доцна фаза. Реакцијата на оваа вест во нафтениот сектор предизвика скок на цената на нафтата за повеќе од 10%, што покажува колку се важни позитивните вести поврзани со пандемијата. Растот на цената на нафтата исто така реагирала овој период и на падот на УСА $ и победата на Бајден, со која се најавува завршување на трговската војна која со Кина и ЕУ ја отвори Трамп“, стои во изјавата на првиот човек на Регулаторната комисија.