Новата Mazda2 ќе биде „препакуван“ Toyota Yaris
Mazda планира на европскиот пазар да пласира своја верзија на Toyota Yaris Hybrid во следните две години како замена за актуелната Mazda2
Mazda и Toyota долги години негуваат техничко партнерство, а нивната соработка вклучува и работа на идни електрични возила. Но, сега нивната соработка би можела да добие нова димензија. Претходно овој месец се појави извештај според кој Mazda планира ребрендирана верзија на Toyota Yaris Hybrid за Европа.
Сега, за време на презентацијата на нивните најнови финансиски резултати, Mazda го откри планот за „OEM набавен модел базиран на Yaris THS (Toyota Hybrid System)“ кој ќе пристигне во Европа во следните две години. Ова значи дека автомобилот ќе биде направен за Mazda од страна на Toyota, најверојатно заедно со стандардниот Yaris во фабриката на производителот во Франција.
Многу е веројатно дека „Mazda Yaris“ ќе биде замена за Mazda2, која е во продажба од 2014 година и допрва треба да добие хибриден систем. Освен тоа, хибридниот хечбек би и овозможил на Mazda да ги задоволи барањата на Европската унија кои се однесуваат на емисијата на CO2.Целта е Mazda да ја добие механиката на хибридниот Yaris. Станува збор за 1,6-литарскиот бензинец кој со помош на електромотор развива 91 КС и може да се пофали со ниска потрошувачка и уште пониска емисија на издувни гасови.
Од Mazda не откриваат детали
И покрај тоа што одбија да коментираат кога точно новиот модел ќе стане достапен и дали ќе ја замени „двојката“, британската дивизија на Mazda истакна:
„Продолжуваме со нашиот мулти-солуциски пристап кој нуди соодветни решенија за да се израмни миксот на моќноста, уникатноста и потребите на клиентите во секоја земја и регион. Како еден од тие мулти-солуциски пристапи, ние решивме дека THS (Toyota Hybrid System) е оптималното решение за да се реагира за потребите и барањата на секој регион“.
„Оваа соработка е резултат на дискусијата базирана на нашата Toyota-Mazda партнерска политика за да ги користиме бизнис ресурсите на двете компании ефикасно додека притоа го почитуваме секој од нашите брерндови и независноста на менаџментот“.
Овој договор доаѓа откако Toyota ги понуди Corolla и RAV4 хибридите на Suzuki, со што во Европа ќе бидат пласирани Swace и Across.