Bentley го претстави Blower Continuation Series Car Zero прототипот
Британскиот производител Bentley го комплетираше склопувањето на Car Zero прототипот кој е дел од Blower Continuation Series
Car Zero прототипот на Bentley ќе се користи за тестирање на ексклузивната серија на 12 автомобили пред да започне комплетното производство на Blower Continuation Series. Од Bentley велат дека околу 40.000 часа се вложени во дизајнот и производството на Car Zero со тоа што компанијата морала рачно да изработи 1.857 индивидуални делови од оригиналните планови. 230 од овие делови се всушност склопови – од кои едниот е моторот – со што бројката ќе се искачи до неколку илјади кога поправките и деловите од тримот на ентериерот се вклучени.
„Ова не е само достигнување во Blower Continuation Series проектот, туку и општо за Bentley Motors. Да се вози првиот нов Blower по 90 години е навистина привилегија, а квалитетот на автомобилот ќе го направи и сер Тим Биркин горд. Мајсторството е неверојатно и навистина сум среќен да истакнам дека автомобилот вози подеднакво убаво како нашиот оригинален Team Car“, вели шефот на Bentley, Ејдриан Холмарк.
Пред да започнат со работата на прототипот за Blower Continuation Series, тимот ги анализираше дизајнерските цртежи и документи од оригиналниот Blower Team Cars. Потоа, Bentley го расклопи #2 Team Car кој беше во сопственост на компанијата, за кој се смета дека е највредниот автомобил на брендот на сите времиња, направи ласерски скенирања на рамката и компонентите и комплетираше дигитален CAD модел.
Деловите се специјално направени од искусни мајстори
Тим на специјалисти потоа беше регрутиран со цел да се започне правењето на компонентите кои ќе го формираат Car Zerro, користејќи традиционални техники пренесувани низ генерации. Шасијата е „родена“ во Israel Newton & Sons, резервоарот и школката од радијаторот се направени од The Vintage Car Radiator Company, Jones Springs ги направи амортизерите, а Vintage Headlamp Restoration International беше задолжен за производство на фаровите.
Lomax Coachbuilders ја направи новата рамка во Mulliner Trim во Кру, а Mulliner тимот потоа аплицираше 25 метарски Rexal материјал. Рачниот триминг на каросеријата е комплетиран од мајсторите на Mulliner, а исто како и оригиналниот автомобил, прототипот има 10 килограми природна коњска коса во седиштата.
4,5-литарскиот мотор е направен според оригиналните спецификации, вклучително и алуминиумските клипови, брегастата оска, четирите вентили по цилиндар, палењето со две свеќици и картерот од магнезиум. Опремен е со супер полнач и испорачува 240 КС.
Со комплетирањето на Blower Car Zero, сега прототипот ќе мине низ серија на тестови за издржливост, како што е возење на 8.000 километри на патеките кои ќе симулираат еквивалент на 35.000 километри во реалниот свет. За тестирањето ќе се реплицираат некои познати трки како Mille Miglia и Peking to Paris.