Новиот Citroën C4 пристигна во Македонија
Најновата генерација на Citroën C4 сега е достапна и за македонските купувачи откако пристигна во продажниот салон на Citroen во Македонија
Најновата, трета генерација на Citroën C4 пристигна и на македонскиот пазар. Редакцијата на Авто Плус имаше можност да го забележи новиот адут на францускиот производител пред продажно-изложбениот салон на Citroën во Скопје каде што првите два примероци штотуку беа пристигнати.
Уште на стартот со својот модерен и интуитивен изглед на хечбек со кросовер елементи го привлекува вниманието на љубопитните минувачи кои не ја пропуштија шансата одблиску да го запознаат целосно новиот C4. Тоа и не е изненадување со оглед на тоа дека новиот Citroën C4 се одликува со интересен дизајн, кој пак се карактеризира со конкавната форма на хаубата, предниот браник со мат финиш и одвоената предна светлосна група.
Лаковите над тркалата исто така се во мат црна боја со што се нагласува кросовер карактерот на новата генерација. Како што се движиме кон задната страна, така и покривната линија опаѓа, па се добива впечатокот на кросовер купе, налик моделите од повисоките сегменти и полуксузните брендови. На задниот дел се истакнуваат светлата во форма на буквата V.
Ентериерот на новиот Citroën C4 е подеднакво атрактивен како и екстериерот. Кај моделите кои ги затекнавме пред продажниот салон успеавме да ги забележиме целосно новиот дигитален инструмент кластер, а на централната конзола се истакнува големиот 10-инчен инфозабавен екран. Веднаш под него се наоѓаат и контролите за клима-уредот. Во видното поле на возачот се наоѓа и head-up екранот за уште подобро доживување во ентериерот. Целата кабина е модернизирана и целосно нова. Како што е и вообичаено кај Citroën , комфорот и пространоста се неизоставен дел. Тоа и не е изненадување, бидејќи третата генерација на C4 ги добива сите Citroën Advanced Comfort технологии.
Новиот Citroën C4 е поставен на CMP модуларната платформа на PSA групацијата. Тоа значи дека автомобилот ќе се нуди со електричен, бензински и дизел погон. Електричниот C4 ќе се напојува со електромотор кој испорачува 136 КС и 260 Nm. Батеријата е со капацитет од 50 kWh, а моделот ќе има автономија на движење од 350 километри. Од Citroën ни навестија дека наскоро го очекуваат и електричниот модел.
Кога станува збор за конвенционалните мотори, Citroën ќе го нуди C4 со три различни 1,2-литарски трицилиндерски турбо бензински мотори и два четирицилиндерски дизел агрегати. Моќноста ќе варира од 100 до 155 КС, зависно од моторот и понудата. Купувачите ќе можат да бираат меѓу шестстепен мануелец или осумстепен автоматик.
Засега цените за Citroën C4 во Македонија не се објавени. Но, добивме известување дека наскоро моделите ќе бидат изложени во салонот и ќе бидат објавени сите потребни спецификации.